Македонските власти остануваат на ставот дека во следниот период активно ќе се бара решение за отворените прашања со Бугарија. Софија, пак, порачува дека нејзината позиција кон Македонија останува непроменета и очекува конкретни резултати од дијалогот со Скопје.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи вчера во интервју за БГНЕС рече дека добрите односи со Бугарија и европската перспектива за Македонија се без алтернатива. Прашан што ќе направат властите во Скопје по реафирмираниот став на Бугарија во однос на почетокот на преговорите за членство во ЕУ, Османи нагласи дека во следниот период активно ќе се бара решение по однос на политичките прашања. Како што знаете, истакна шефот на дипломатијата, Македонија беше конструктивната страна за изнаоѓање решение.
– Во следниот период очекуваме кога ќе се формира владата во Бугарија да почнат разговорите. Сметам дека и во декември има добри шанси да се најде решение, бидејќи немаме друга алтернатива освен добрососедски односи со Бугарија, порача Османи.
Тој нагласи дека немаме друга алтернатива освен заедничка европска перспектива. Се надеваме, потенцира шефот на дипломатијата, дека оваа политичка стабилност во двете земји ќе даде резултат.
За време на редовниот состанок на Советот за општи работи во Брисел, бугарската делегација истакнала дека „РС Македонија сè уште не ги исполнува критериумите за одржување на првата меѓувладина конференција“.
– Во последните неколку месеци бугарската страна предложи голем број опции за надминување на отворените прашања со С. Македонија, со цел да се гарантираат правата на граѓаните со бугарски идентитет и имплементација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Нашите партнери во РСМ треба да преземат конкретни обврзувачки ангажмани, од кои некои треба да се спроведат на краток рок, а останатите треба да бидат меѓу барањата во идната преговарачка рамка. Се додека тоа не се случи, не може да се очекува напредок во процесот на проширување со С. Македонија, изјави шефот на бугарската делегација, амбасадорот Румен Александров.
Бугарскиот претседател Румен Радев вчера во телефонски разговор со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји го изразил очекувањето на Софија дијалогот со Македонија да доведе до конкретни резултати.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, Радев истакнал дека Бугарија е отворена за дијалог, поставила јасни прашања и очекува одговори и реални дејствија од Македонија.
Шефот на бугарската држава смета и дека дневниот ред на билатералните односи меѓу Софија и Скопје не треба да биде подреден на надворешни влијанија, туку да се води отворено со ангажман од двете земји, што ќе го придвижува напред процесот на евроинтеграција на Македонија.
Како главен акцент во тој дијалог, претседателот на Бугарија го посочил „почитувањето на правата на Бугарите во Македонија, трајно искоренување на јазикот на омразата и почитување на бугарската историја и културно наследство“ во земјава.
Во исто време, бугарски премиер Стефан Јанев рече дека политиката на Бугарија кон Македонија останува непроменета.
Според Јанев, Бугарија многу добро го соопштила својот став пред бугарското општество во однос на позицијата кон Македонија, но не и пред партнерите од ЕУ.
Јанев, исто така, нагласи дека пред неговата преодна Влада да ја преземе функцијата во мај оваа година, позицијата на Бугарија не била јасно соопштена.
– Нема да отстапиме од нашата позиција, изјави Јанев.
Последниот Самит на Европската Унија за годинава, под словенечко претседавање, ќе се одржи на 14 декември.