Полската биотехнолошка компанија „Мабион“ потпиша прелиминарен договор за производство на вакцината на Новавакс против Ковид-19 со финансиска поддршка од државниот фонд, како дел од владините напори за забрзување на вакцинацијата на населението.
„Мабион“ денеска објави дека потпишал рамковен договор со американскиот Новавакс за трансфер на технологија за вакцината против коронавирусот.
Државниот фонд ПЕР ќе обезбеди 11 милиони долари во облик на заеми и удели за компанијата да може двојно да ги зголеми производствените капацитети во централниот дел на Полска.
– Најголем предизвик кога станува збор за достапноста на вакцините се производствените капацитети. Со тоа сите производители на вакцини имаат проблеми и тоа е причина за доцнењето. Инвестицијата е директен одговор на тие проблеми, изјави директорот на ПЕР, Павел Борис.
Полска има околу 38 милиони жители и досега се вакцинирани над три милиони, главно со вакцините произведени од Фајзер, Модерна и АстраЗенека.
Земјата обезбеди и осум милиони дози од вакцината на Новавакс преку Европската унија. Сè уште чека одобрување од европските регулатори.
Борис нагласи дека ПЕР веројатно ќе обезбеди дополнителна финансиска поддршка за Мабион доколку е потребно и ќе инвестира во слични компании.
– Ова е еден од најинтересните проекти и една од најголемите можности за Полска навистина да почне со производство на вакцини против Ковид-19, додаде Борис.