Полската полиција побара од граѓаните да ги информираат органите на редот ако евентуално добијат сомнителни пакети со семиња од Кина, а не ги порачале.
Пакети со семиња првично пристигнаа на адреса на американските граѓани, а потоа и во Европа и во Полска.
Експертите предупредуваат дека таквите семиња не можат да се посеат.
– Семињата се од непознато потекло и што е најважно, се со непознат фитосанитарен статус и можат да бидат извор на нови штетници, опасни за растенија кои сè уште ги нема во земјата и во Европска Унија. Таквите организми како габи, бактерии, вируси и слично претставуваат потенцијална закана за растенијата во околината. Под поволни услови за развој и отсуство на природни непријатели и ограничувачки фактори, тие можат да се шират, предизвикувајќи економски и еколошки загуби, оценуваат експертите.
Агниешка Сагајдак од полскиот Државен инспектор за заштита на растенијата и семињата истакна дека при негативен развој тоа би можело да се смета за биотероризам.
– Ако плевелот или болестите се вкоренат, тоа може да доведе до големи загуби, и тогаш тоа може да се смета за биотероризам, посочи Сагајдак.