Во борбата против постојаниот смог во Полска, научниците тестираат нов топ кој користи звучни бранови за да турка токсични честички во атмосферата и на тој начин да им овозможи на жителите да дишат поквалитетен и почист воздух.
Поставен на врвот на метален контејнер, експерименталниот уред се состои од голем превртен конус кој испушта звук секои шест секунди. Целта е да се отстрани смогот од Калварија Зебрзидовска, којашто како и многу други полски градови, секоја зима се соочува со овој проблем кога граѓаните палат шпорети кои го загадуваат воздухот. Од оџаците испуштаат густ чад, а со заоѓањето на Сонцето потоа, над градот се спушта густ смог.
Воздухот во Полска е меѓу најзагадените во Европа и во најлошите делови од годината постојано ги надминува границите поставени од ЕУ.
– Ние користиме вертикален ударен бран генериран од согорување на ацетилен и воздух. Бранот исфрла загаден воздух на повисоки височини, појасни Доминик Грибос од Металуршкиот и рударски факултет во Краков – еден од пронаоѓачите на топот.
Отровните честички така се испраќаат во висина од неколку стотици метри, што ги прави безопасни за жителите.
– Ако го користиме топот на растојание од половина час до еден час, загадувањето се намалува за 15 до 30 отсто на два – три километри од топот… Ефектите траат меѓу еден и три часа, рече Грибос.