Полска заплени речиси еден тон хероин вреден 52 милиони евра, што е најголемата заплена на дрога во последните години, објавија властите.
Британските медиуми пишуваат дека припадници на полската полиција пронајдоа големо количество наркотици во контејнери што пристигнаа од Обединетите Арапски Емирати во балтичкото пристаниште Гдиња, а властите информации за пратката добиле од британската даночна администрација.
„Не треба да ви кажувам што би се случило доколку такво количество од оваа ужасна дрога стигнеше до полскиот пазар“, рече полскиот министер за внатрешни работи Марчин Кирвински.
Дрогата била скриена во пратка декоративни тули и била откриена со помош на рендгенска опрема, се додава во соопштението.
Во врска со случајот приведени се тројца полски државјани, а истрагата е сè уште во тек.
МИА




