Полската Влада, предводена од десничарската партија Право и правда денеска го изгуби парламентарното мнозинство, откако коалициската партија Договор најави излегување поради расколот за предлог-законот за медиуми.
Премиерот на Полска, Матеуш Моравјецки вчера побара смена на министерот за развој, труд и технологија Јарослав Говин. Моравјецки побара смена на Говин откако тој изјави дека предлог законот за медиумите е „напад врз плурализмот“.
Говин е потпретседател на десничарската коалициска Влада и лидер на партијата Договор.
Опстанокот на владината коалиција Обединета десница, која е на власт од 2015 година, е неизвесна. Има изгледи владејачката Право и правда да добие поддршка од некои опозициски пратеници, вклучително и тие од ултрадесничарскиот сојуз Конфедерација.
Во повеќе полски градови синоќа се одржаа демонстрациите поради предлог законот за медиуми, тврдејќи дека владејачката партија се обидува да ги задуши независните медиуми.
Во Парламентот денеска се очекува гласање за предлог-законот за медиуми, со кој се ограничува уделот на странска сопственост во медиумскиот сектор, што, според критичарите, е обид да се замолчи американска телевизија што ја критикува владата.
Предложениот закон за медиуми практично ќе ја принуди американската медиумска куќа „Дискавери инк“. да го продаде својот удел во мрежата ТВН, која емитува голем број канали, но и каналот за вести ТВН24, кој има најголема, милионска гледаност.
Иако критичарите тврдат дека таков закон ќе ја загрози репутацијата на Полска како земја во која медиумите се слободни и каде медиумскиот простор е отворен за странски компании, владејачката полска партија Право и правда не се откажува од намерата за национализација на медиумите, повикувајќи се на национална безбедност.
Покрај тоа, полските власти тврдат дека овој закон ќе го усогласи полското законодавство со европското, пред се со француското и германското, бидејќи уделот на странска сопственост во медиумскиот сектор е ограничен во тие земји.