На воениот аеродромот Батајница, во близина на Белград, утринава слета единаесетиот авион со медицинска опрема, техника и заштитна опрема, кои, според договорот на српскиот и рускиот претседател, Александар Вучиќ и Владимир Путин, Москва и ги испрати на Србија, јави дописникот на МИА од Белград.
– Помошта вчера беше доставена со шест авиони, а во текот на ноќта и утринава, на аеродромот Батајница слетаа уште пет авиони, соопштија од српското Министерство за одбрана.
Во состав на тимовите од Русија се наоѓаат еден генерал, 42 офицера, 42 подофицера и двајца членови на руското Министерство за здравство, предводени од началникот на АБХО на Западниот округ на вооружените сили на Руската Федерација, генерал мајор Михаил Чернишов.
Руските експерти се поделени во осум медицински екипи. Во секој тим ќе има лекари по општа пракса, епидемиолози, анестезиолози, медицински техничари и преведувачи, а остатокот од делегацијата е составена од експерти и стручњаци по АБХО, се наведува во соопштението.
– Во рамки на помошта пристигнаа и 16 специјални моторни возила наменети за дезинфекција на објекти и патишта, како и големо количество медицинска опрема, техника и заштитна опрема, која и е неопходна на Србија во третманот на пациенти заразени со коронавирус, како и во борбата против ширењето на Ковид-19, се додава во соопштението.
Првиот од 11-те авиони со медицинска помош од Русија вчера го дочекаа премиерката Ана Брнабиќ, министерот за одбрана Александар Вулин, началникот на Генералштабот на српската војска Милан Мојсиловиќ и рускиот амбасадор во белград, Александар Боцан-Харченко.