Естонската Влада испраќа 27 автобуси за Киев, додека приватни донатори собрале средства за да купат 13 генератори за струја за земјата разурната од војна.
Автобусите треба да бидат испорачани во текот на ноември и декември, соопшти Министерството за надворешни работи во Талин. Тоа следи по претходна испорака на 17 користени автобуси.
– За да му се помогне на украинското општество да функционира што е можно похумано паралелно со војната, Украина мора да биде поддржана не само воено и политички, туку и со хуманитарна помош“, рече естонскиот министер за надворешни работи Урмас Реинсалу.
Автобусите ќе им помогнат на луѓето во Украина во нивниот секојдневен живот, додаде тој.
Генераторите за струја се купени од естонскиот огранок на Лајонс клуб, светска граѓанска организација.
Во наредните денови генераторите треба да бидат испратени во училишта и детски институции кои работат во засолништа за итни случаи, изјави претставник на непрофитната организација, пренесуваат естонските медиуми.
Естонија, поранешна советска земја со 1,2 милиони жители, е еден од најверните меѓународни поддржувачи на Украина.