Тргопродукт, една од компаниите во сопственост на членови на фамилијата на експремиерот Зоран Заев, добила неповратен грант од 1,4 милиони евра од ИПАРД-програмата преку Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, објави порталот Фактор.

Според Фактор, компанијата од струмичко Дабиле, која се занимава со откуп на овошје и зелечук и го поседува брендот Мамас, на 21 април добила исплата од 86.608.249 денари. Оваа сума следува како учество во инвестициски проект и е втора најголема дадена како грант во историјата на земјоделскиот фонд откако се работи со ИПАРД-програми.

– Финансиската поддршка за корисникот ДПОЗ Тргопродукт ДООЕЛ изнесува 86.608.249 денари за набавка на опрема за прием, обработка и преработка на земјоделски производи и опрема за полнење, затворање, пастеризација, пакување и етикетирање на производи, односно 75% ЕУ учество во износ од 64.956.187 денари и 25% национално учество во износ од 21.652.062 денари, се вели во објаснувањето на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.

Извор: Фактор