Влезот на Македонија во НАТО ќе ја засили способноста на балканските земји да се спротивстават на „недобронамерните активности“ на Русија во регионот, изјавил државниот секретар на САД Мајк Помпео по средбата со алтернативниот министер за надворешни работи на Грција Јоргос Катругалос.
Тој нагласил дека САД го поддржуваат историскиот Преспански договор и верува дека грчкото раководство ќе успее да го спроведе, со оценка дека договорот ќе ја зајакне грчката позиција на Балканот и ќе го намали руското влијание во регионот. Истакнал дека треба да се поздрави и поддржи заложбата на премиерот Алексис Ципрас за решавање на долгогодишниот спор.
– Во јуни беше потпишан договорот кој ќе има позитивно економско влијание и ќе и помогне на Грција да стане „Врата на Балканот. Тој договор ќе му помогне на вашиот сосед да се присоедини кон НАТО и ЕУ како Република Северна Македонија, како и да го зајакне Балканот против штетното руско влијание, вели Помпео.
Катругалос, пак, ја повторил решеноста на Владата на Ципрас да го спроведе Договорот од Преспа, кој како што вели, ќе има обострана корист за Атина и Скопје, како и да продолжи во решавањето и на другите отворени регионални проблеми.
Помпео и Катругалос се согласиле дека Вашингтон и Атина ќе продолжат да работат заедно за промовирање стабилност и просперитет на Балканот и во источниот Медитеран.
Помпео ја истакнал важноста на Грција како столб на стабилноста во регионот и го поздравил грчкиот придонес како сојузник во НАТО.
Јоргос Катругалос е во Вашингтон по повод одржувањето на стратешкиот дијалог меѓу САД и Грција. Двете страни, меѓу другото, ги разгледале тековните инвестиции во инфраструктурни проекти во Западен Балкан, но се разговарало и за континуираните предизвици со бегалците и имигрантите во Европа, при што САД истакнале дека продолжуваат да пружаат поддршка околу тоа.
Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција вчера во Њујорк имаше средба со посредникот на ОН во разговорите за името,Метју Нимиц на која беше поздравена заложбата на Атина и Скопје за успешно комплетирање на Договорот од Преспа.