САД ги предупредија Кина и Русија дека Вашингтон нема мирно да ги набљудува нивните „агресивни” потези во регионот на Арктикот, кој со зголемувањето на температурите и топењето на мразот, забрзано се отвора за развој и трговија.

Државниот секретар на САД Мајк Помпео рече дека САД се натпреваруваат за влијание на Арктикот и се трудат да ги спречат обидите на другите земји тој регион да го направат свој стратешки простор.

-Тој регион стана арена на глобалните сили и натпреварувања и осумте арктички земји треба да се прилагодат на оваа нова иднина, рече Помпео во говорот на Арктичкиот самит во Финска.

Државниот секретар на САД оцени дека Арктикот би можел да стане Суецки или Панамски канал во 21. век.

Тој рече дека на Арктикот треба да важи владеењето на правото за тој да остане мирен и ги критикуваше Кина и Русија поради праксата на принуда, која би го дестабилизирала крајниот север.

-Влегуваме во нова ера на стратешко ангажирање на Арктикот, заедно со новите закани поради интересите на Арктикот, рече тој.

Помпео ги критикуваше обидите на Кина со големи инфраструктурни проекти да се вклучи во прашањата на тој регион, отфрлајќи го тврдењето на Кина дека е во непосредна близина на Северниот Пол.

-Постојат само арктички и неарктички држави. Не постои трета категорија, рече Помпео.

Тој рече дека одговорните инвестиции на Кина се добредојдени во Арктикот, но дека „историјата на грабливи активности на другите места претставува причина за загриженост“.

Во сличен тон, тој се осврна и на Русија, предупредувајќи за нејзините намери во Арктикот.

-Знаеме дека руските територијални амбиции можат да станат насилни, рече тој, посочувајќи на конфликтот во источна Украина.

-Тоа што Арктикот е место на дивината не значи дека треба да стане место на беззаконие, заклучи Помпео.