Пописот што треба да се одржи од 1 до 21 април следната година ќе ги опфати лицата во државава и тие што се во странство, информира денеска директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски.
– Како и на претходната ваква статитистичка операција меѓу останатото ќе има и графа за етничко-културолошки и религиозни карактеристики, информира Симовски.
Според Предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите усвоен на вчерашната седница на Владата, првпат податоците ќе се прибираат со т.н. комбиниран метод, односно со класично теренско попишување и со податоци од регистри.
– Со Предлог-законот се дефинираат сите чекори што се преземаат за спроведување на оваа статистичка операција. Ова ќе биде исклучително статистичка строго професионална операција. Со пописот ќе се собираат податоци за географските и демографските карактеристики, економските, образовните, миграциските, етничко-културолошките и религиозните карактеристики и карактеристики посветени на лицата со посебни потреби. Покрај податоците за лица ќе се собираат податоци за домаќинствата, семејствата, како и за становите и зградите, рече Симовски.
Тоа треба да овозможи поквалитетни и побрзи податоци, посочи Симовски, истакнувајќи дека апликативното решение што ќе се изработи за спроведување на пописот ќе ја елиминира можноста за двојно односно повеќекратно попишување. Ќе се овозможи контрола на нелогичните податоци, односно грешки. Лицата што не се во државава ќе можат да се попишат преку посебна веб апликација со претходна најава на неа со цел заштита на податоците.
Според Симовски, првите резултати од пописот се очекуваат за шест месеци по неговото спроведување. Целата статистичка операција, што се спроведува по 16 години, ќе чини 8,5 милиони евра.
Во пописот на населението, домаќинствата и становите ќе бидат ангажирани околу 6.000 лица, од кои 5.000 попишувачи, 500 реонски инструктори, 200 државни инструктори и членови на пописните комисии.
Целата територија на државата ќе биде поделена на 45 пописни реони.