Под слоганот „Тука живеам, одлучувам, постојам“ почнува кампањата за пописот во државава, што го спроведува Државниот завод за статистика, а ќе ги опфати сите заедници во државата. Во меѓу време, продолжува онлајн самопопишувањето на нашинците од странство преку соодветната апликација, на која до вчера до 8 часот се попишале 22.253 лица.
Кампањата „Тука живеам, одлучувам, постојам“ е креирана и спроведена од Агенцијата за остварување на правата на заедниците во земјава, со финансиска поддршка од Европска Унија.
Директорот на Агенцијата, Еран Куртиш посочи дека сите етнички заедници се важни и придонесуваат за социо-економскиот, културниот, правниот како и политичкиот раст на земјата, па затоа е важно е „на пописот да покажеме дека ние тука живееме, одлучуваме, постоиме“.
– Затоа е многу важно да се почитува Законот за правата на заедниците кои се помалку од 20 отсто од населението во РС Македонија со кој се уредува остварувањето, унапредувањето и заштитата на правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20 проценти, а се загарантирани со Уставот, како и надзорот над спроведувањето на одредбите на овој закон и законите со кои се утврдени тие права, додава Куртиш.
Пописот беше тема и на вчерашната средба на претставници на повеќе помали етнички заедници во земјава со националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, Роберт Алаѓозовски и координаторката на Секторот за дисеминација и односи со јавноста во Државниот завод за статистика (ДЗС), Јасмина Ѓоргиева.
Учесниците на средбата, на која присуствуваа претставници на заедницата на Египќаните, Црногорците, Ерменците, Русите, Унгарците и Словенците во нашата земја, се согласија дека е од исклучителна важност статистичката операцијата попис на населението, домаќинствата и становите да биде успешно спроведена во насока на создавање на конкретни политики за успешно остварување на заложбите на Владата интегрирани во Националната стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот 2020-2022 година.
Во меѓу време, Државниот завод за статистика и ги отфрли како лажни информациите во врска со апликацијата за самопопишување од странство, посочувајќи дека динамиката на попишување се одвива успешно и дека досега се попишани над 22.000 лица од дијаспората.
– Овој период во јавноста се лиферуваа низа шпекулации и дезинформации поврзани со најважната статистичка операција. Уште еднаш алармираме да не се пласираат лажни информации дека во апликацијата можеле да се внесат 13 нули во полето за матичен број. Ова не е возможно, ниту видовме каков било доказ или print screen за вакво нешто. Сакаме јавноста да знае дека апликацијата не прави никакви прилагодувања или обработка на податоците внесени од страна на попишувачите. Внесувањето на податоците и матичниот број е одговорност на секој поединец кој пред Законот е обврзан да внесува точни и проверени податоци, наведува ДЗС.
Според Заводот, внесените податоци од друга ИП адреса преку ВПН врска на Апликацијата за самопопишување, не претставува дополнителен ризик за Апликацијата, туку одговорност за самиот попишувач.
Попишувањето од странство преку електронската апликација започна на 1 март, а опфатени се вработените во дипломатско-конзуларните претставништва и членовите на нивните семејства, како и македонските граѓани кои престојуваат во странство поради работа или други причини подолго од 12 месеци. Попишувањето на овие граѓани ќе се врши до 21 април.
До апликацијата за попишување наменета за дијаспората може да се пристапи само со ИП адреса од странство, а секое нарушување на процесот на прибирање на податоци е казниво со закон.
Предвидено е собраните податоци преку апликацијата да се споредат со податоците од претпописната база на податоци. Бројот на самопопишани лица преку апликацијата, како што велат од ДЗС, не значи по автоматизам број на резидентно население на Македонија.
Партијата Левица вчера одново побара пописот да биде итно прекинат и тој, со нов закон, да биде спроведен по подобрувањето на состојбата со пандемијата.
– Потсетуваме дека овој Закон за попис, Левица го оспори пред Уставен суд поради неколку причини: прво поради тоа што спроведувањето попис во време на пандемија е сулудно, особено во состојба кога Владата нема набавено ниту една единствена вакцина. Понатаму, овој Закон е спротивен на задолжителните норми на меѓународното право и на стандардите на Еуростат – тој нема законски дефиниции, нема утврдена методологија, нема образец на прашалник, нема резидентно население. Исто така, Законот ја повредува приватноста, тајноста и сигурноста на личните податоци и воедно предупредуваме дека резултатите од ваквиот попис ќе бидат груб фалсификат и истите ќе бидат искористени единствено во служба на легитимирање на дополнителните политики кои власта ги планира, а со кои системски и намерно државата се води кон дезинтеграција, се наведува во соопштението на политичката партија Левица.
Од друга страна, лидерот на партијата Единствена Македонија, Јанко Бачев вчера во името на Националниот Блок „Не отворам врата“ информира дека доставиле Изјава за одговорност на сите членови на Владата доколку спроведе попис во април, со цел, „доколку 32.000 теренски попишувачи и инструктори кои ќе вршат попишување во 80 општини во државата групирани во 50 пописни реони заразат кого било, тогаш членовите на Владата лично да сносат морална, материјална и кривична одговорност“.
– Ова е уште чекор во насока власта да се вразуми и да го одложи живото-загрозувачкиот попис во април. Во земјата владее тешка здравствена состојба. Кризата со коронавирусот се шири со нови заболени, но и смртни случаи. Сега е најважно здравјето. Здравјето на народот не трпи политички калкулации. Одложување на пописот е единствен начин да го заштитиме народот, изјави Бачев.