Денеска во Софија бугарскиот Национален статистички институт ги презентира податоците од пописот на населението спроведен минатата година. Освен Бугари, кои доминираат со речиси 85 проценти, како припадници на други етнички заедници се прикажани Турците и Ромите, а сите други, за кои не се соопштени податоци за припадноста, се прикажани во група „други“ кои сочинуваат 1,3 отсто од населението. Македонци нема во пописните резултати, но на новинарско прашање кои се другите етнички групи, сосема на крајот беа спомнати Македонци и тоа дека такво „чувство“ изразиле 1.143 лица.
Како што беше соопштено, на денот кога бил затворен пописот, на 7 септември 2021 година, бугарската етничка група брои 5.118.494 луѓе, или тоа се 84.6% од вкупното населени. Во споредба со 2011 година, како што беше соопштено, стаснува збор за намалување на оваа доминантна етничка група за 0,2 проценти.
Директорката на Националниот статистички институт Магдалена Костова рече дека како Турци се изјасниле 508.378 лица, или 8.4% од населението, а како Роми 266.720, или 4.4% од попишаното население.
Како припадници на други етнички групи се изјасниле 79.006 лица, или 1.3% од населението.,
На прашањето од новинари кои се другите етнички заедници според пописот, бидејќи не се наведени во табелите, беше речено и тоа на крајот од редењето на сите групи,. дека со чувство Македонци се изјасниле 1.143 лица.
Претходно беа наведени Помаци – 15 илјади, Руси – 14 илјади, Бугаро мухамедани – 9 илјади, потоа ерменската, украинската, влашката, грчката, англиската, еврејската, каракачанската, италијанската, полската, кинеската…етничка група.
На една новинарска забелешка дали можеби Македонците требало да се наведат како „северномакедонци“, директорката Костова рече дека не може бидејќи станува збор за етничка група.