Нов протест против ригорозните антиковид рестрикции кои траат од понеделникот ќе се одржи попладнево пред Владата на Република Македонија.
Протестот е најавен во 19 часот. Овојпат нема да се маршира од Собранието до Владата како што беше минатиот пат.
За влез во угостителски објекти, кафулиња и барови, без разлика на капацитетот и бројот на присутни лица, како и за настан од секаков вид (прослава, веселба, свадба, роденден, крштевка, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културен или спортски настан, обложувалници, казина), задолжително е поседување, приложување и проверка на сертификат или потврда за извршена вакцинација, односно примена најмалку прва доза од вакцината или потврда за прележан Ковид–19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за лица над 18-годишна возраст.
Оваа мерка задолжително се применува и за организација, присуство и учество и на секаков вид настан на отворен простор како и за влез во затворените трговски центри (моловите).
Во сите угостителски објекти, кафулиња, барови и кафани опфатени со оваа мерка каде капацитетот е поголем од 30 посетители, задолжително е воспоставување редарска служба од страна на правниот субјект за контрола и спроведување на мерката. Додека пак во угостителските објекти со капацитет помал од 30 лица контролата на поседувањето на Ковид–19 сертификатот на посетителите е должност на редовно вработените лица.