Се зголемува бројот на загинати во поплавите што го зафатија грчкиот остров Евија, а осум месечно бебе е третата жртва, додека пак Противпожарната служба на Грција интервенирала во спасување на 55 лица, јави дописиничката на МИА од Атина.

Грчката новинска агенција АНА-МПА објави дека постојат информации за едно исчзнато лице.

Од Противпожарната служба на Грција соопштуваат дека интервенирале во 47 случаи за спасување на граѓани, осум лица биле спасени со хеликоптер, а биле извлечени и безживотните тела на двајца постари граѓани, како и на бебето.

Во силното невреме со обилен дожд што го зафати грчкиот остров Евија и предизвика поплави, во два одвоени случаи, како што претходно објави МИА, загинаа две лица на 85 и 86 годишна возраст, откако биле заглавени и не успеале да ги напуштат поплавените домови.

 

На островот итно замина заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас, додека пак на Евија превентивно пристигнале возила на брза помош од Атина и Тива.