Бројот на настрадани во поплавите во близина на брегот на Јордан на Мртво Море денеска се искачи на 20, од кои 13 се деца на училишна возраст.

До несреќата дошло вчера кога 37 ученици од приватно училиште во Аман, во придружба на седум набљудувачи и други луѓе, биле на излет на неколку километри од брегот на Мртвото Море, но, ненадејниот силен дожд предизвикал поплави, кои надошле од повисоките места и ги однеле сите до Мртвото Море, соопштија официјални лица.

Претставници од Цивилната одбрана изјавија дека станува збор за најсмртоносен инцидент во Јордан во кој учествувале деца на училишна возраст.

Потрагата по преживеаните продолжи и денеска, со помош на хеликоптер и тимови со кучиња трагачи, кои ги пребаруваат карпести падини во близина на Мртвото Море.

– Тело на 12-годишно девојче е пронајдено утрово, но се стравува дека и натаму не се пронајдени неколку лица, изјави директорот на Цивилната одбрана Мустафа ал- Басаиах.

Според наводите на официјалните лица, 13 жртви и 26 од околу 30 повредени во поплавите се деца на училишна возраст.

Јорданскиот крал Абдулах ја откажа планираната работна посета на Бахреин закажана за денеска. Кралот нареди јорданското знаме на главниот влез на палатата, три дена да биде спуштено на половина копје поради жртвите од поплавата.

Генералниот секретар на ОН и неколку регионални лидери упатија сочувство до Јордан.