Најмалку 27 лица загинаа, а 47 други се водат како исчезнати по невремето проследено со јак ветер и поројни дождови, што ги погоди западните и централните делови на Јапонија, предизвикувајќи поплави и лизгања на земјиштето.
Властите соопштија дека поголемиот дел од исчезнатите лица најверојатно ги однеле надојдените води, додека за околу 15-тина се претпоставува дека се наоѓаат под наносите од кал предизвикани од свлечиштата кои затрупа неколку куќи во префектурите Кјото и Хирошима.
Поради поплавите и лизгањата на земјиштето сообраќајот е во прекин на повеќе патни правци, а околу 1,6 милиони лица биле принудени да ги напуштат своите домови.
Јапонската метеоролошка агенција издаде предупредување за невреме во четири префектури во западниот дел на најголемиот јапонски остров Хоншу, најавувајќи ризик од свлечишта, покачување на нивоата на реките и каналите и силни ветришта.
Властите им препорачаа на жителите да се придржуваат кон предупредувањата за евакуација и за брзо реагирање во случај на невреме.
Јапонските медиуми оценуваат дека западните и централите делови на Хоншу се зафатени од „историски најсилни врнежи“. Само во местото Мотојама, на околу 600 километри од Токио, за помалку од 24 часа наврнале 583 милиметри дожд.
Во операциите за помош на лицата во загрозените подрачја се вклучени околу 48.000 полицајци, пожарникари и припадници на јапонската Армија.
Поради невремето, прекинато е производството во повеќе фабрики во загрозените подрачја, вклучително и во погоните на „Мицубиши“ и „Мазда“.