СДСМ станува партија во која конзумацијата на кокаин е нормална и вообичаена појава за партиските функционери, изјави денеска Ирена Попова, советничка во Град Скопје.
– По Павле Богоевски, кој беше фатен како нарачува кокаин додека ја извршувал функцијата пратеник, вчера медиумите објавија дека е фатен со кокаин кадарот на Петре Шилегов – Сенад Смаиловиќ Сенко, директорот на ЈП Улици и патишта-Скопје. Сенко е фатен со цели две кесички кокаин. Дали тоа значи дека истиот или е дилер или веќе подолг период е корисник на овој наркотик. Аздисаноста од власта и моќта, очигледно ја зголеми конзумацијата на кокаин помеѓу функционерите на СДСМ. Државни функционери стануваат се почести корисници на кокаин, а реакцијата на власта со нивно разрешување откако ќе бидат фатени на дело е задоцнета и лицемерна. СДСМ дозволува лица корисници на дроги да извршуваат јавни функции, и истите да одлучуваат за судбината на многу луѓе, но и целата држава, ова е недозволиво, опасно, но и ги става под знак прашалник нивните одлуки и колку тие се носени трезвено. Се поставува прашањето дали скопјани газат рунирани улици и полни со дупки затоа што директорот на ЈП Улици и патишта бил под дејство на некоја психотропна супстанца додека ги извршувал работните задачи?- прашува Попова.
СДСМ, додава во изјавата советничката на ВМРО-ДПМНЕ, го сведе Скопје на ниво со него да управуваат луѓе со искривени морални вредности и лошо општествено поведение.
– Скопје е заложник на грст луѓе, кои не го изградиле ниту својот личен имиџ, и никако не можеме да очекуваме да го градат имиџот на градот. Разрешувањето на Сенко не треба да биде последен чекор. Шилегов сам треба да си поднесе оставка, затоа што тој е човекот кој именува вакви луѓе и им дозволува да менаџираат со јавните претпријатија и нашите пари. Оставка од Шилегов веднаш, се вели во изјавата за медиумите од советничката Попова.