Секогаш и само Македонија, твитна Том Лајнс, британски експерт по меѓународен бизнис и економија и реагира за користењето знаменце наместо името на државата во објавата на Твитер од евроамбасадорот во Македонија, Самуел Жбогар.

Лајнс го поддржува во критиката за тоа поранешниот македонски почесен конзул во САД, Џејсон Мико.

– Секогаш и само Македонија. Сосема се согласувам. Како се осмелува ЕУ да принуди мала, неофанзивна копнена земја да го смени своето историско име, како и нејзиното знаме, само затоа што надуен, арогантен сосед не ги сака?, прашува известувачот на новинската агенција Ројтерс и на други медиуми за теми од банкарството.


Своето несогласување со наметнатата придавка северна на Македонија по пропаднатиот референдум од 30 септември 2018 година Лајнс, го изрази и во април минатата година. Тој има предавано плуралистичка економија и политичка економија на Универзитетот во Лондон, а претходно бил предавач по меѓународен бизнис на Универзитетот во Единбург.

– Македонија, молам. Тоа е името што таа земја си го избра за себе, поддржано и на национален референдум неодамна. Секоја друга верзија на името е резултат на неприфатливото грчко малтретирање, твитна тогаш Лајнс.