Од почетокот на месецов, заклучно со четвртокот, односно во првите пет дена од септември, според официјалните податоци од грчката влада за ситуацијата на островите во источниот дел на Егејското Море, пристигнале 1.564 бегалци и мигранти.

Доколку се направи анализа на податоците, во просек, дневно пристигнувале, 313 лица, најголем број пристигнувања се регистрирани во вторникот 455, а поголемиот дел (764 бегалци и мигранти) стигнале на островот Лезбос, jави МИА од Атина.

Заклучно со четвртокот, според официјалните податоци на островите во источниот дел на Егејското Море, што се наоѓаат во близина на Турција, има 24.441 бегалци и мигранти, од кои 11.745 на Лезбос, 5.025 на Самос, 3.206 на Хиос, 2.929 на Кос, 1.427 на Лерос и 109 на останатите острови.

Според Фронтекс, во текот на месец јули биле откриени 460 нелегални премини на границите на Балканот, односно на т.н балканска рута, а во првите седум месеци од годинава достигнаа речиси 5.800, бројка што е двојно поголема споредбено со истиот период лани. Најголем број мигранти откриени на рутата се државјани на Авганистан и Иран.