Клучното прашање е – што ако Абрамович и уште стотици други руски богати инвестиори не добијат визи – што со нивните милијарди?

Последниот натпревар во англискиот ФА куп меѓу Челзи и Манчестер јунајтед, милијардерот Роман Абрамович го гледал на ТВ. Иако тој е сопственик на еден од најтрофејните лондонски клубови, и иако неговиот тим го освои купот, тој не можеше радоста да ја сподели со своите играчи и со навивачите, затоа што Абрамович веќе подолго време чека на британската виза, без која не може да престојува во земјата. Роман официјално тежи повеќе од 10 милијарди евра, тој е меѓу петте најбогати во Обединетото Кралство, но…за несреќа богатиот бизнисмен, инвеститор, политичар е близок со Путин, а по скандалот со наводното труење на шпионот Сергеј Скрипал (првин неговата ќерка, а неодамна и тој излезе од болница) британскиот филтер не го пропушта така лесно богатиот Русин.

Британски „Индепендент“ објавува дека во 2016 Абрамович му подарил на Путин јахта вредна 25 милиони фунти, но и тој како и уште 700 супер богати Руси мора да докажат дека парите им се чисти, односно не се вовлечени во криминални активности, за дури потоа да добијат виза. Ова како што наведува Лондон е во согласност со закон донесен во 2015 година и тој е донесен во интерес на „јавното добро“.

Инаку, поголемиот дел од богатството на Абрамович се смета дека се на сметки во Велика Британија, а само ФК Челзи е тежок близу 2 милијарди евра.

Портпаролот на премиерката Тереза Меј, изјави дека некој што претходно добил виза сега ќе мора да аплицира според новиот закон, што значи Абрамович е само еден од стотиците случаи кои Лондон финансиски и полициски ќе ги чешла. Абрамович до сега добивал виза како инвеститор за период од 40 месеци.

Портпаролот на Кремљ, Димитри Песков рече дека „нашите бизниси четопати се соочени со непријателско и непринципиелно однесување“.

Клучното прашање што сега се наметнува – што ќе се случи со богатството на Абрамович. Дали тоа може да му биде замрзнато, или запленето, и што ќе се случува со милијардите на другите руски инвеститори? Дали станува збор за разработена шема во која руските олигарси еден по еден ќе упаѓаат и од која нема да можат да излезат? Дали можеби покојниот Березовски беше еден од тие што упаднал во таквата шема и практично заминал од овој свет банкротиран?

Од друга страна, британската војна со Москва продолжува и на друго поле – надзорното медиумско тело отвори три нови истраги за РТ заради  пристрасност во известувањата.