Производителите на органска храна во земјава се жалат дека маркетите им бараат огромна провизија, 4.000 – 5.000 евра, а за штандови треба да платат дополнително. Плус оптоварени се и од сумата за регистрација на производот што ја налагаат институциите која, исто така, треба да ја подмират.
Од овие причини, велат, засега не им се исплаќа да продаваат дома. Затоа се главно извозно ориентирани. Задоволни се од приходот што го остваруваат надвор, а сертифицирањето не им е проблем, ниту бараниот квалитет и стандард. Дури се подготвени и можат да произведат количество што бара странскиот купувач.
За продажната цена, нагласуваат, не е многу повисока од онаа на конвенционалните. Побарувачкат
Трговците потврдуваат дека провизијата е висока, а проблемот со продажбата на домашни органски производи го лоцираат во дистрибуцијата. Провизијата, како што објаснуваат, важи за сите производи, од гуми за џвакање и чоколади, до сапуни. Отстапки може да се направат за органските производи, но досега такво нешто од нив не побарал никој.
– Не сме маалска продавница, а комерцијалните услови ги диктираат светските трендови, вели претставник на еден од големите трговски маркети во Скопје.
Поинаков е ставот на производителите:
– Мојот прозвод не го продавам во Македонија зашто условите не се баш најдобри. Маркетите бараат влезна провизија од 4.000 – 5.000 евра, за штандови и др. поради што не може да се добие добра цена. Од Агенцијата за храна бараат да се регистрира производот, што исто така се плаќа, а сите знаеме колку е тешко да се произведе органско. Повеќе сум извозоно ориентирана, главно на швајцарскиот пазар. Сега таргет ми се Австрија и Германија, вели Розита Трендафиловска од Куманово, веќе пет години производител на гоџи бери.
Според Милица Петрушевска, производител на органски градинарски култури, она што ја кочи целата е работа се маржите на трговците, дистрибутерите и продавачите.
– Тоа е голем проблем. Профитот се исцедува на друго место, не завршува кај земјоделецот за да се усовршува процесот на производство. Сепак, можам да кажам дека за она што ние го пласираме, цената е разумна. Лани годината беше тешка и затоа тргнавме со производи кои би имале додадена вредност, а тоа значи спакувани, за од нас да бидат директно достапни до потрошувачот. Така очекуваме да се зголеми и обртот и профитот. Едно е рокулата да ја спакувате и од неа за килограм да добиете 300 – 500 денари, а друго да ја продавате како рефус за 110, 120 или 150 денари, објаснува Петрушевска.
Сточарот Митко Јанков од велешкото село Ораовец, производител на органско јагнешко месо и сирење, напоменува дека во Македонија разлика меѓу органското и конвенционалното нема.
– Купувам поскапа храна за 30 отсто, а цената на јагнето е иста. Не се прави разлика дали е органско или не. За сирењето сум задоволен иако цената е иста со „обичното“, 250 – 300 денари. Немаме доволно ниту за нашиот пазар, а не па за извоз, вели Јанков.
Негова оценка е дека интерес за сточарско производство има, но субвенциите се мали за разлика од оние во соседството.
– Србија дава 61 евро по грло овца, а кај нас е срамота да се спомнат 15-те евра. Да не зборувам за европските држави каде субвенциите се 100 евра по овца. Да се стимулира да, ама и да се избегнат манипулациите – од 900.000 овци до 400.000, 500.000 се манипулација, некој зема субвенција, а тие овци ги нема, не постојат, потенцира сточарот.
За Сузана Димитриевска од село Мустафино, најбитно е малите фармери да ги постигнат стандардите за органско производство.
– Најтешкиот дел е да произведете 80 отсто прва класа органски производ. Инвестициите се поголем проблем, другото е решливо зашто компаниите се заинтересирани за откуп на нашите производи, со акцент на вкусот на македонските органски прозводи. Сертификати имаме, но некогаш, за некоја држава е потребен дополнителен сертификат, посочува Димитриевска.
Поддршката за органското земјоделство последниве години е континуирана. Државата ја препознава потребата, но и значењето на овој тип производство.
Oваа година субвенциите за примарното органско производство од 61 милион денари се зголемени на 81 милиона. Поддршката зависно од културата е до 100 отсто повисока од онаа за конвенционалните производи. Зголемени се и субвенциите за развојните категории земјоделски стопанства, од 20 проценти за растително и 10 отсто за сточарско производство кое ги опфаќа и органските производители. Оваа поддршка, нагласуваат од ресорното Министерство, во периодот што следува ќе расте.
Од Програмата за земјоделство и рурален развој 2018 година се одвоени 11 милиони евра, средства кои (ќе) се инвестираат во хидромелиоративни системи со што и директно, но и индиректно се создаваат подобри услови за органските производители.
– Македонија има многу поволни агроеколошки услови за развој на органското земјоделство. Потрошувачите, пак, стануваат се посвесни за разликите и придобивките што ги носи органското производство, наспроти конвенционалното. Имајќи го тоа на ум, треба да се прашаме во каква насока ќе се движиме во однос на развојот на органското производство. Нашата заложба не е само декларативна. Активно ги следиме трендовите и работиме да бидеме во чекор со времето, вели министерот за земјоделство Љупчо Николовски.
Во соработка со Министерството за здравство се работи на т.н. органско мени за Детската клиника кое во подоцнежна фаза треба да ги опфати и градинките и основните школи.