Драмата која ќе се одвива на самитот на НАТО во Брисел на 11 и 12 јули има два чина – едниот ќе биде во новата зграда на Алијансата, а вториот во Хелсинки на средбата Трамп-Путин, пишува Маршаловиот фонд во Германија. Во оваа драма некаква епизодна улога ќе има и Македонија која очекува покана за која уште не се знае во каква форма ќе биде спакувана.
Првиот чин од драмата наречена „какво НАТО ќе постои во иднина“ ќе се одржи во атмосфера на „подготвеност за сите предизвици“, формулација која се користи од Самитот во Велс во 2014 година, а е производ на спојувањето на Крим со Русија, или како што Западот вели – анексијата на Крим.
Во исто време во Брисел ќе се тестираат и трансатлантските односи и партнерство, кое во моментов е во период на криза. Првин затоа што администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп, упорно бара сојузниците да си ги исполнуваат финансиските обврски (2 проценти од буџетите да одат во касата на НАТО), а секако и зделките за купување американско софистицирано оружје, особено авиони. Проблематични стануваат набавките на ловците Ф-35.
Вториот чин ќе биде во Хелсинки, каде рускиот претседател Владимир Путин и неговиот американски колега Трамп на 16 јули ќе ги отворат картите и ќе ја кажат сопствената метеоролошка прогноза на сосотјбата во светот. Затоа Маршаловиот фонд сето ова го именува како драма – не знаат како Американците ќе реагираат, што планираат, какви релации ќе воспостават Трамп и Путин.
Како и секгаш НАТО ќе ја повтори својата политика на отворени врати за нови членки, а тоа значи чекаме што ќе се случи со Македонија. Како ќе биде прочитан Преспанскиот договор?
Според Ефемерида, повикувајќи се на нејзини брифинзи, во Брисел ќе одат премиерот Алексис Ципрас, заедно со министрите за одбрана и за надворешни работи, Каменос и Козијас. Македонија, односно премиерот Заев, ќе игра во Брисел според грчки ноти, накратко е пораката која се испраќа пред Самитот.
Весникот потсетува дека позицијата на Грција е обезбедена, а тоа го потврдил и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг. Практично, Македонија нема простор за никаков маневар или за лобирање, зашто своите обврски, а тоа значи и дипломатски маневри, ги има запечатено со Преспанскиот договор.
Очекувањата се дека Македонија ќе добие условена покана, односно ќе се каже дека треба целосно да го исполни Преспанскиот договор, чија судбина и во Македонија и во Грција уште е е неизвесна, па дури потоа ќе може да следи поканата.
Нејасно е дали земјата ќе биде спомната во завршната декларација од Самитот и кои зборови ќе бидат избрани.