Продолжување на стратешкото партнерство на САД со Македонија, поддршка за интеграција во НАТО и ЕУ, за зацврстување на правната држава, владеењето на правото, борбата со корупцијата, но и предупредување за обидите за руско и кинеско влијание во регионот.
Ова се пораките што ги упати американскиот државен секретар Мајк Помпео по вечрашните разговори во Охрид со претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев.
– Убеден сум дека С. Македонија ќе биде силна земја сојузник во НАТО и сигурен сум дека Сенатот на САД оваа есен ќе го одобри Протоколот за членство, со што и формално ќе ви посакаме добредојде во Алијансата, истакна американскиот државен секретар.
Помпео ги нотираше и придобивките од Договорот од Преспа и Спогодбата за пријателство со Бугарија.
– Преспанскиот договор е основа за поблиски економски врски меѓу вашите два народа, особено во енергетиката, како и за поголема стабилноста на Балканот и на цела Европа. Го поздравуваме и Договорорт за пријатество и соработка со Бугарија што придонесува за подобри односи меѓу двете земји, рече Помпео.
Се заблагодари и за учеството на нашата армија во мисиите заедно со војската на САД, во Ирак, во Авганистан и борбата против ИСИС.
– Како водечка демократија во светот САД ги поддржуваат државите кои се борат за владеење на правото и борбата против корупцијата. Ги поздравуваме чекорите што ги презема вашата Влада во борбата со корупцијата и сите оние кои ги прекршиле законите и ја злопупотребиле јавната доверба. Борбата со корупцијата е од клучна важност за вашата НАТО и ЕУ интеграција, но уште повеќе за вашата демократија и за граѓаните, изјави Помпео.
Предупреди дека земјата треба да се чува од обидите на Русија и на Кина за неметнување на нивното влијание во регионот. Треба да се водите, наведе Помпео, од желба за напредок, а не од руски ботови, тролови и социјални медиуми.
– Претседателот Трамп во ОН рече дека иднината им припаѓа на суверени и независни држави, кои ги штитат своите граѓани и ги почитуваат соседите. С. Македонија го одразува овој дух. Ние би сакале С. Македонија да биде слободна и без долгови. САД ќе продолжат да бидат ваш партнер за доброто на вашите граѓани, на регионот и на светот, порача американскиот државен секретар Мајк Помпео на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев во Охрид.
За шефот на државата Пендаровски и за премиерот Заев, посетата на државниот секретар Мајк Помпео во исклучително важен период за нашата земја, е силен сигнал за поддршката на нашите евроатлантски интеграциии потврда за пријателството меѓу САД и Македонија.
– САД се докажан пријател и поддржувач на Северна Македонија, а ние сме посветен нивни стратешки партнер. Американскиот народ е пријател на македонскиот народ, и на сите народи кои живеат во нашата земја. Имаме политички и историски причини да го одржување и зајакнуваме нашето пријателство. Дел од нив се нашите заеднички заложби и вредности за безбедност, слобода и демократски просперитет во регионот и заеднички активности во борбата против тероризмот и другите закани за мирот ширум светот. Подготвени сме со уште поисилно темпо да учествуваме во сите глобалните иницијативи кои се конфронтираат на дезинформациите и заканите по демократијата, рече Заев.
Нагласи дека со очекуваното полноправно членство во НАТО, нашиот придонес во таа насока ќе добие силен поттик и нова димензија.
– Членството во НАТО е наша суверена одлука за која има силна надпартиска одлука и меѓуетнички консензус. Тоа е за нас постигнување на една историска цел. Голема придобивка не само за нашата земја туку и за зајакнување на слободата и демократскиот просперитет на целиот регион, кажа Заев.
Истакна дека Македонија е уникатна земја во регионот затоа што нема отворени билатерални прашања со ниту еден свој сосед.
-Договорите со Бугарија и Грција беа историски одлуки и пресудни чекори за остварување на нашите стратешки цели – членството во НАТО и во ЕУ. За десетина дена ја очекуваме долго очекуваната вест од Брисел – отворање на преговорите за членство во ЕУ. Верувам дека добрата вест од Брисел ќе влијае позитивно на целиот регион, ќе биде испратена пораката дека Западниот Балкан е интрегрален дел од Европа. Ќе биде награден напредокот на реформите и решавање на тешките проблеми. Тоа ќе ги охрабри другите земји да покажат политичка храброст за надминување на останатите проблеми, Стабилен балкански регион е од интерес на ЕУ, геополитички, безбедносно и економски. И во овој контекст оваа посета и охрабрување САД е од огромно значење за наспорача Заев.
Македонија беше четвртата етапа од мини-европската турнеја на американскиот државен секретар. Тој во земјава допатува од Црна Гора, а претходно беше во посета на Италија и на Ватикан. Од Охрид вчера попладне Помпео отпатува во официјална посета на Грција.