САД ја разгледуваат можноста за договор со Полска според кој таа би ѝ обезбедила авиони од руско производство на Украина, а за возврат би добила американски борбени авиони Ф-16.

Ова следува откако украинскиот претседател Володимир Зеленски имаше видеоразговор со американските конгресмени, од кои побара да ѝ помогнат на Украина да добие борбени авиони преку источноевропските членки на НАТО.

– Работиме со Полјаците на овој проблем и се консултираме со останатите сојузници од НАТО. Ако Полска одлучи да ѝ даде авиони на Украина, ние ќе се потрудиме да ја пополниме полската флота. Испраќањето борбени авиони во Украина е суверена одлука на секоја држава, но тоа ќе бара и обемна логистика, изјави портпарол на Белата куќа.

Украина инсистирала на авиони од руско производство, зашто нејзините пилоти се обучувани со такви летала.

Зеленски ноќеска разговарал и со Џо Бајден, кој ветил економска, хуманитарна и безбедносна помош за Украина.