Кремљ го предупреди Западот дека секој обид да се користат замрзнатите руски средства за собирање помош за Украина ќе биде незаконски и ќе доведе до долгогодишни судски спорови бидејќи Русија ќе ја оспори секоја таква акција.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Москва дознала за овие планови од медиумите и дека ќе чека официјални соопштенија во врска со тоа.

„Посегнувањето по туѓи имоти ги поткопува сите основи на економскиот систем, вклучително и економскиот систем на оние што ќе ги спроведуваат тие одлуки“, рече Песков.

„Фајненшл тајмс“ во саботата објави дека Г7 подготвила планови за користење замрзнати руски средства за испраќање помош на Украина, објави „Ројтерс“.

И „Блумберг“ објави дека постои таков план. Америка и западните сојузници ги забранија трансакциите со руската централна банка и Министерството за финансии блокирајќи 300 милијарди долари суверени руски средства на Запад како одговор на руската инвазија на Украина, која почна во февруари 2022 година, пренесува „Танјуг“.