Во март годинава цените на јајцата во Европската Унија во просек беа за 6,7 отсто повисоки во споредба со истиот месец лани, соопшти денеска Европската статистичка агенција – Евростат во пресрет на Велигденските празници.

Според податоците на Евростат, минатиот месец на годишно ниво јајцата најмногу поскапеле во Чешка и тоа за 46 отсто, по што следуваат Словачка  со 29,8 и Унгарија со 26,1 проценти. Спротивно на ова, цените на јајцата споредено со лани се намалиле во Холандија за 3,6 отсто, во Луксембург за 3,2 и во Грција за 2,0 проценти.

Цените на јајцата бележат континуиран раст од почетокот на годината, па така во јануари тие биле повисоки за 3,4, а во февруари за 4,1 отсто во споредба со соодветните месеци во 2024 година.

Најголем раст на цените на јајцата во ЕУ е регистриран во 2023 година, кога нивното поскапување на годишно ниво достигна двоцифрени проценти, при што најголемото беше забележано во февруари 2023, кога растот изнесуваше 31,2 отсто.

Фото: МИА Архива