Собранието денеска ќе ја започне последната нова седница во овој парламентарен состав. На предложениот дневен ред за 149. седница се тринаесет точки. По оваа седница закажани се и продолженија на 131-та, 135-та, 138-та, 145-та и 103-та седница.
Во рамки на новата 149. седница пратениците треба да ги разгледаат Предлог на декларација за одбележување на четвртата годишнина од членството на Република Македонија во НАТО и Седумдесет и петтата годишнина од формирањето на Алијансата, Дополнетиот предлог на законoт за изменување и дополнување на Законот за извршување на санкциите, Дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за народниот правобранител, Дополнет предлог на закон за основање на Медицински факултет во состав на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ – Битола, сите во второ читање и Предлог на автентичното толкување на член 93 став 2 од Законот за урбанистичко планирање и Барањето за давање на автентично толкување на член 19 од Законот за наследувањето, поднесено од пратеникот Лидија Тасевска, Дополнет предлог на закон за виното, второ читање, како и Предлог на закон за изменување на Законот за културата, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за заштита и благосостојба на животните, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за медиуми, Предлог на закон за дополнување на Законот за спортот, и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за Македонската академија на науките и уметностите, сите по скратена постапка.
На продолженијата на 131-та, 135-та, 138-та, 145-та и 103-та седница, меѓу другите, на дневен ред се и закони за кои е завршена расправата и за кои ќе треба само да се гласа.
Собранието неформално ќе ја прекине работата во пресрет на кампањата за претседателските избори на 24 април која почнува на 4 април, додека парламентарните избори се закажани за 8 мај.
ФОТО: МИА Архива