Пишува: Блаже Миневски
„Ме вика татко ми Стојан, седиме сами в соба, на маса, ми турвит и мене ракија: ’Голем си Ламбе, велит, ќе разбериш. Мачен народ сме ние, ама народ, разбираш, Македонци, и ништо друго, а ова е Македонија, наша и на никој друг. Пушти ти што зборвет некои таму во Охрид. Запомни ова што ти вела и помни, не заборавај, отсега па довека!’
И уште ми велит:
’Земи си, велит, пљачките и оди кај Тасе војвода, во четата. Ќе дајш клетва кај него и тој оттука па натаму и татко и мајка и брат, и се ќе ти бидит! Оди ми со здравје, велит, јунак мој!’
И одам јас горе во буките, и гледам многу народ се збрал. Од сите шест села во Малесија. Седиме така, се спремаме, се готвиме за пат. И уште народ иде во четата, гледам и се чудам, и два Турчина дошле од село Мислодежда, и тие ќе се биет со аскерот, да чува господ. Ама, си велам, знае војводата што прави, умен е тој. Е, дојде денот, ќе ојме на Рудина, на Стогова. Јас најмал и се до војводата мој Тасе одам, многу ме сакаше…“
Гори Македонија, а ние седиме и се криеме!
Ете ова, меѓудругото, го раскажал пред камерата на ТВ Скопје илинденецот Ламбе Мосјовски во далечната 1984 година, една година пред да го заврши на 99 годишна возраст својот долг и бурен живот на комита, последен жив илинденец, печалбар и македонски патриот осуден од врховистите на Ванчо Михајлов на смрт. Според Иван Глигоровски, кој пред повеќе од триесет години снимил документарен филм за последниот жив учесник во Илинденското востание и носител на илиденска пензија, ’главниот јунак’ на овој запис е погребан на „Новите гробишта“ во Белград на парцелата број 109, каде што е погребана и неговата сопруга Јозефина, но не се знае тој во кој гроб точно почива. Поблиски роднини нема и ако има подалечни тие не се во можност финансиски да се погрижат и да го идентификуваат спомен-обележјето на илинденецот, односно да се утврди дали под името Ламора Мојсовиќ стои личноста Ламбе Мојсовски. Претпоставувам дека е така, пишува Глигоровски во својата книга „Последниот илинденец“, бидејќи тој се оженил во Унгарија и кај него се најдени документи од таа земја.
Ламбе со сопругата Јозефина
Желбата на Мојсовски била да биде погребан во својата Малесија, во своето родно село Присовјани, но болеста, материјалната состојба, згаснувањето на неговото семејство мајка, татко,браќа и сестри веројатно придонеле тој да биде погребан во Белград, градот во кој го завршиил својот живот.
Но, да се вратиме на Илинденското востание, на времето кога како седумнаесетгодишно момче дошол во четата на војводата Тасе Ристов:
„И дојде втори август 1903 година. Договорено беше цела Македонија да се дигне против Турчинот, оти бевме под негово ропство. Дојде време на живот и смрт. Станаа сите села и заминаа во планините. Градовите помагаа со оружје што се носеше кај нас и ние го прифаќавме. Се сеќавам дека во планината тогаш се собраа сите чети, имаше од Локов и од околните села – Збажди, Присовјани… Некои села веќе беа изгорени… Еден ден гледаме аскерот доаѓа од кај Дебар. Го сопревме во Орман, но тоа не траеше долго, тие со топови пукаа. Насекаде свиреа гранати, паѓаа дрвја, гранки, а ние бевме сите собрани во коријата, деца, жени, сите. Никој не остана во селата. Тогаш моравме да се повлечеме. Сетне војводата Тасе Ристов ми нареди да се качам на едно дрво и да видам колкава турска војска доаѓа угоре. А пред мене еден видик, цела Рудина како на дланака ја гледам. Но, што да видам, Турчин до Турчин, бројот не може да се процени, огромна војска доаѓа по нас. Тогаш војводата нареди половина чета заедно со селаните да тргне кон Славеј планина, а другите со него да останат и да се борат со Турците. Почнаа борбите, грмат топовите на аскерот, се корнат буките. Пукаме и ние, возвраќаме со оган. И јас зедов една пушка, дотогаш немав, и почнав да пукам, да арчам куршуми. Гине аскерот, но се приближува до нас. Загинаа и наши борци кај Селце, загинаа многу Малесијци. Војводата сетне виде-невиде нареди да се повлечеме кон Славеј планина, кај нашите. Тука имаше многу народ, многу востаници, имаше болница, имаше оружје, коњи… На оние што немаа оружје тука им се даваше. Овде останавме две недели. Храната полека ја снемуваше, почнаа децата да плачат, а ние молчиме, не знаеме што да правиме. Ни стана жал за нив а и вакво ли е комитството, си велиме. Гори Македонија, а ние овде седиме и се криеме. И тогаш, еден ден, рипна војводата и вели:
„Станувајте, браќа, одиме кон Кичево!“
Ги поминавме сите караормански села и се упативме кон Козица и Белица. Тука ги оставивме децата и жените, а четата продолжи кон Голак. Тука се сретнавме со други чети и комити. Во тој реон останавме три месеци, се водеа големи борби, но имаше и многу жртви. Долго време се држевме и се боревме…“
4 000 Албанци против Илинденците
Според историските архиви заедно со турската војска во борбите во Малесија учествувале и околу 4000 Албанци, кои главно пљачкале и ги палеле селата, вршејќи невиден терор врз населенеите што останало во своите домови. Во тој ужасен масакар што го вршеле Албанците настрадале селата Збажди, Р’жаново и Локов, а биле убиени голем број деца, жени и старци. Само од Охридскиот револуционерен округ, од вкупно 75 села, 32 села целосно биле изгорени и уништени. Десет села со 2.064 куќи биле делумно изгорени а без покрив над главата останале 13.144 жители. Во оваа револуционерен округ 419 деца, жени и старци биле убиени во своите домови и дворови.
Трај Ламбе, ќе поминит и ова, ќе ја видиш ти уште Македонија!
„Борбите завршија насекаде, во нашиот крај, во кичевско, прилепско, демирхисарско, востанието беше задушено“ – се сеќава Ламбе Мојсовски во документарниот филм што екипата на ТВ Скопје го снимила во неговиот скромен дом на улиоца „Крал Милутин“ број 35 во Белград.
– Мислев дека Тасе војвода ќе собере нова чета, посилна, и дека сетне ќе се фатиме нов каршијак со Турците, да се одмаздиме за нашите жртви, да ја одмаздиме нивната крв. Но од тоа немаше ништо. Се растурија четите, борците замолчаа, престанаа пукотниците. Мојот војвода Тасе Ристов не го видов повеќе, не чув каде заминал и дали продолжил со револуционерната дејност. Јас бев млад, имав 17 години, а во моето Присовјани не можев да останам. Заминав во Ресен и две години одев со една група мајстори, помагав, ѕидавме куќи, но мислите постојано ми беа свртени кон планината, се надвевав дека ќе добијам некаква покана, некој знак, пак да ме викнат назад во четата, пак да се бориме за Македонија. Во Ресен доаѓаа понекогаш луѓе од нашиот крај и од нив научив дека Приосовјани повторно заличило на село; дознав дека многу наши војводи, комити, многу Илинденци, пребегале во Бугарија. Таму заминале оти Бугарите демек ни биле пријатели, можеле да ни помогнат. А видовме подоцна колку ни помогнаа и што сакаше Бугарија од нашата Македонија. Времето си врвеше, јас веќе стасав за женење, но на женење и не помислував. Моите мисли се уште беа свртени кон четата, кон борбата за слобода, но такво нешто немаше, беше некаков голем молк, како да завршил светот и векот… А во Бугарија да ме бесиш не одам, и за среќа никогаш не отидов, а му благодарам на Господ за тоа. Во Грција да заминам не можам, таа е бетер од Бугарија. Нема друго место и друга земја, си велам, ќе одам во Србија. И точно кога наполнив 19 години, беше тоа 1905 година, со нешто алишта в торба една ноќ тргнав од Ресен за Велес пеш. Оди, оди, не се доодува. Сепак некако стигнав во Велес. Седам на едно ѕитче, а во мислите ми се врти мајка Иванка, татко Стојан, браќата Антон и Сандре, сестрите, сите мои блиски. Иако бев блиску, во ресенско, Турците чекаа да припарам во селото, и затоа не можев да ги видам моите, да се радувам со нив, а сега еве наближува мигот кога ќе се збогувам и со Македонија. И верувајте, во тие моменти, тука, на железничката станица во Велес, се расплакав како дете. И тргна возот, да трчаш побрз си од него. Си думам – да скокнам, да се вратам, ама каде ќе се вратам, Турците ме бараат под дрво под камен. И не скокнав, и сетне, оттука цел живот, осумдесет години, ми летнаа далеку од Македонија. И доаѓам јас Ламбе од Караорман во Белград. Еден убав свет, вакви ни во Битола нема, си велам, море костуми, море паларии, море бричени, стрижени, залижани, и сите на лаванда мирисаат. А јас во опинци, со гунче и врзалче, и сам, народ врие, а јас сам. Еј, моја Малесијо, еј моја Македонија, каде си мори, што барам јас овде? Трај Ламбе, си велам, ќе поминит и ова, ќе ја видиш ти уште Македонија, ќе и се изнагледаш…“
По долгите патешествуја и борба за живот во Чешка, Австрија и Унгарија, повторно се враќа во Југославија, во Србија, во Белград. Во Унгарија, во градот Керменте, продавал сладолед по улиците кога започнала Првата светска војна. Во тој период му се случува еден настан кој го запомнал цел живот:
„Еден ден на вратата дома во Кременте тропа некој! Влегваат тројца војници и еден офицер. Офицерот ме турка настрана и бара документи. Добро Ламберт, ми вели. Место Ламбе така бев запишан во документите. Ама кај документите се најде и картата на Македонија. Војниците ја видоа картата и гледаат право во мене. Таа карта осум години ја носел во пазувата: ’Што е ова?’, рече едниот. ’Тоа е карта на Македонија’, реков јас. ’А зошто ти е картата?’ – Па тоа е мојата земја, тоа е Македонија. Јас сум се борел за неа…’ А така значи, – вели војникот. – А дали знаеш дека сме во светска војна?’ Не знам што реков но знам дека ми дадоа некакво листе и ми рекоа дека не смееме да излегуваме до градот.“
Картата на Македонија што Ламбе ја чувал
Подоцна, поради конфликт со врховистите во Прага, кои патем го осудуваат на смрт, затоа што јавно, пред голем број луѓе, гласно им кажал дека ’сакет на сила Бугари да не перавет’, Ламбе Мојсовски го менува местото на својот престој од Белград во Загреб и обратно, а во 1930 година бил фатен на граница со намера илегално да замине во Германија. Го враќаат со полициска придружба во Македонија:
„Седам два три-дена во Струга, во Присовјани мое не одам, што ќе праам, нема никого и жал ми е многу. Ми зајми Димитрија писарот пари, и јас пак во воз, и право во Загреб. И Ламбејца ја гледам се исплашила, каде си, бре Ламбе, што не се јавиш, мислев те отепале. И после ми расправа, ме барале врховистите под дрво-под камен, ама неа, Јозефина, Бела, не ја чепнале. А јас револверот комитски со мене го носам и на спиење.“
Кога почнала Втората светска војна веќе имал 55 години; не го сака војската, но тој со сопругата помага колку што може:
„Не отидов во партизани. Не оти не сакав, не ме држеа нозете. Но помагав на друг начин. Многумина од мојот крај од струшко и охридско беа на Сремскиот фронт во 1944 година. Со сопругата одевме во некои места каде што имаше борци од Македонија и нив им дававме облека што Ламбејца сама ја шиеше. И храна им дававме. Во 1953 година отидов во пензија, но само од пензија не се живее во Белград па земав некоја паричка и од филмовите што се снимаа во градот, ме викаа да статирам, ме бивало за тоа…“, ја завршува својата речиси еден век долга приказна таа 1984 година последниот жив илинденец а неговите сеќавања триесет години подоцна публицистот Иван Глигоровски ги собра во книга.
Ламбе како филмски статист, 1965 година во Белград