Зошто Никола Карев, претседателот на Крушевската Република, е избришан од македонската химна? Што се случувало со семејството Кареви по воспоставувањето на комунистичката власт во Македонија? Колишевски и Гигов се плашеле дека за народот, Делчев, Груев и Карев се поголеми Македонци од нив. Кој го ликвидирал во затворот ‘Идризово’ Ѓорѓи Карев, помладиот брат на Никола Карев? Зошто Петруш Карев, постариот брат на претседателот Карев, бил отстрануван од бината при прославите на Илинденското востание и Крушевската република?
Пишуваат: Блаже МИНЕВСКИ, Дарко ЈАНЕВСКИ
– Не се сеќавам точно, но мислам дека некаде до крајот на педесеттите години од минатиот век во македонската химна беше и Никола Карев. Во неа беа Гоце, Даме, Сандански и тој. Подоцна ја слушав химната и се прашував зошто и по чија наредба е избришано неговото име. Сакав да дознаам што се случило во тие седум-осум години по ослободувањето, за чичко ми Никола Карев да биде избришан дури и од химната. Еден ден отидов кај Димче Аџимитрески, кој беше декан на Вишата економска школа и беше близок со власта. Кога му кажав дека сум внук од брат на Никола, ме покани да седнам, ме понуди со кафе и ми кажа како тргнала работата околу бришењето на Карев од химната:
„Во 1953 година, на педесетгодишнината од Илинденското востание, Лазо Колишевски не собра во Владата мене, Злате Биљановски, Страхил Гигов и уште неколкумина. Се отвори дискусија околу значењето на Илинден, и тогаш некој од присутните, ми се чини Страхил Гигов, предложи Гоце Делчев, Даме Груев, Никола Карев и другите да ги прогласиме за Бугари. Тоа го образложи со загриженоста дека ако наводно се продолжи со практиката тие да бидат спомнувани како досега и за нив да се пеат толку многу песни, ќе станат поголеми и од нас“, ми рече тогаш Аџимитрески.
За среќа, тој предлог не бил прифатен, но набрзо направен е чуден компромис. Од химната е исфрлен Никола Карев. Неправдата со исфрлањето на чичко ми трае до ден денес: за претседателот на првата Република на Балканот, и натаму нема место во македонската државна химна- вели седумдесет и седумгодишниот Мише Карев, внук на Никола Карев од братот Ѓорѓи (интервјуто е од 2006 година, а во меѓувреме, Мише Карев, за жал почина, н.з.).
ПОЛИТИЧКИ КОНСТРУКЦИИ
Според Мише, проблемите на семејството Кареви со комунистичката власт на Македонија, односно конструкциите на власта против ова патриотско семејство од Крушево, започнале веднаш по ослободувањето, кога без никакви докази, во монтиран судски процес, бил осуден и затворен помалиот брат на Никола -Ѓорѓи Карев. Како што тврди Мише Карев, неговиот татко е ликвидиран во ‘Идризово’ на само неколку дена пред излегување, односно пред завршување на казната, а гробот не му се знае до ден денес.
– На неговото судење во 1945 година присуствував и јас како шеснаесетгодишно момче. Седевме во првата клупа, а судија беше некој Калајџиски од Кавадарци. Му се судеше за соработка со бугарскиот окупатор за време на Втората светска војна, а татко ми никогаш не бил во таква служба, ниту пак некој од нас, неговите седум деца, членувавме во некоја од тогашните бугарски квислиншки организации. Се сеќавам на еден детал од судењето што ми остана засекогаш во душата. Како сведок, против татко ми, беше повикан бугарскиот полициски началник Венев, кој за време на окупацијата беше на служба во Крушево. Оние што го монтираа случајот за наводна соработка на татко ми со бугарските окупатори, сметаа дека сведочењето на Венев сосема ќе го закопа. Но, за нивна несреќа, Венев се држеше достоинствено и само рече:
‘Немам што да кажам за Ѓорѓи, но ќе кажам за кодошите! ‘
Во тој момент службеникот на ОЗНА, Гога Xаџо, го свлечка на столчето и не му дозволи да ги каже кодошите во Крушево. Набрзо потоа Венев го ликвидираа, за да не ги открие вистинските соработници на Бугарите, од кои некои веќе заземаа важни места во новата власт. Под лажни обвиненија татко ми беше осуден на смрт, но само по седум-осум дена смртната казна му беше заменета со пет години затвор. Пред да излезе од затвор го ликвидираа истите оние што му го монтираа и судскиот процес. Еден затвореник, Албанец, Емин Роши, многу години подоцна ми кажуваше дека татко ми бил погребан набрзина во некакви тајни затворски гробишта, но гробот бил плиток, па му се гледале рацете и нозете над земјата. Некој од надзорниците им наредил на двајца затвореници да му ги искршат рацете и нозете за да пропаднат под земјата, да се покријат. Инаку, татко ми, како шеснаесетгодишно момче учествувал во Илинденското востание во борбата кај месноста ‘Слива’, а постариот брат на Никола, Петруш, е член на штабот на крушевските востаници. За Никола Карев знае цела Македонија. Семејството Кареви во борбите за ослободување на Македонија има дадено седум жртви, војводи и обични борци. И покрај тоа, чудната омраза кон Кареви траеше со години, па затоа дури и коските на Никола Карев завршија фрлени речиси на буниште, под скалите на споменикот ‘Македониум’ на Гумења – вели Мише Карев.
ГО БРКАЛЕ ПЕТРУШ ОД БИНАТА
Кога по војната во Крушево се славело Илинденското востание и Крушевската Република, централната власт, а пред се локалните послушници, речиси редовно се погрижувале семејството Кареви да биде понастрана од прославата, особено од главната бина.
– Се сеќавам на првата прослава на Илинден по ослободувањето, чичко ми Петруш беше жив и беше во Крушево. Дојдоа некои луѓе и го поканија да отиде на прославата. Го викнаа дури и да се качи на бината. Таму беа сите тогашни врвни раководители. Меѓутоа, кога некој од нив забележал дека на бината е и Петруш, братот на Никола Карев, веднаш наредил да го симнат долу. И го симнаа сред прослава. Кога заврши прославата, повторно преку посредници беше поканет да оди на свечен ручек. Ми кажа дека го канат, а јас му реков да не оди, оти повторно ќе си играат со него, ќе го омаловажуваат и потценуваат. Тој се согласи со мене, но по извесно време повторно дојдоа гласниците, и чичко Петруш мораше да тргне со нив. Само што стигнал, ја кренал чашата за да наздрави, некој од политичарите наредил да го отстранат од масата. Чичко ми си дојде посрамен и со солзи во очите. И никогаш веќе не отиде на прослава на Илинденското востание и Крушевската Република, иако беше единствен жив брат на Никола Карев и единствен преживеан член на штабот на крушевските востаници – вели Мише Карев, кој, како што стои во неговото полициско досие, уште од 1951 година бил следен од ОЗНА односно УДБА, а подоцна одлежал и 18 месеци затвор за идејата за самостојна и независна Македонија.
Тој во својата приватна архива долго чувал многу историски документи поврзани со учеството на семејството Кареви во македонските ослободително движење.
– По задушувањето на Илинденското востание, чичко ми Петруш и татко ми Ѓорѓи Карев, извесно време се криеле во околината на Крушево, а чичко ми Никола се засолнал во селото Дивјаци, потоа во Цер и на крајот во Мариово. Во селото Дивјаци имал средба со Даме Груев, за да ги договорат следните активности на македонската револуционерна организација. Три месеци по задушувањето на востанието, Никола Карев, заедно со уште десеттина борци, успеал некако да ја премине турско-српската граница и да стигне во Белград. Веднаш по пристигнувањето испратил писмо до мајка му Марија во Крушево. Во тоа писмо, кое долго го чувавме дома, а потоа негде исчезна, тој пишуваше за престојот во Белград:
‘Секој ден доаѓаат новинари, ме прашуваат за нашата борба и се чудат која била таа сила што можела 13 дена да чува Република сред Отоманската империја, во срцето на Балканот’.
Во Србија чичко ми Никола останал до фебруари 1904 година. При престојот таму многу му помогнала Социјалистичката партија на Димитрие Туцовиќ. Баба Марија, тие негови писма, но и фотографиите, весниците и други предмети на Никола ги чувала како реликвија, но подоцна Србите, Бугарите и нашата комунистичка власт се ни зедоа – се сеќава Мише Карев.
Најстариот брат на претседателот на Крушевската Република, Петруш Карев, успеал да ги надживее двајцата свои браќа и покрај сите малтретирања и голготи што ги поминал во животот. Умрел во 1968 година.
Според внукот Мише Карев, старецот умрел со голема болка во душата поради недостоинствениот и понижувачки однос на македонската власт кон брат му Никола.
ДАМЕ ИМ ЈА ПРЕДАЛ АРХИВАТА НА БУГАРИТЕ!
– По престојот во Белград чичко ми Никола добил наредба од ВМРО веднаш да отпатува во Софија и таму лично на Даме Груев да му ја предаде целокупната архива на Крушевската Република. Иако имал голема резерва околу префрлувањето на архивата од Крушево во Софија, Никола пристигнал во Бугарија во март 1904 година. По наредба на Груев, преку канал на Организацијата, испраќа абер до својот брат Петруш да ја откопа архивата и да ја донесе во Софија. Архивата била закопана во Беговата корија, точно под една од буките која ‘прва ја осветлува сонцето’.
Во април таа 1904 година, чичо ми Петруш успеал да ја пронајде и да ја откопа архивата на Крушевската Република. Сместена во кираџиски самар, драгоцените македонски документи во мај веќе биле во Бугарија, каде што му биле предадени на Даме Груев. Чичко ми Петруш кажуваше дека кога стигнал во Софија, Никола веднаш го однел во кафеаната каде што ги чекал Груев. Предавајќи му ја архивата тој му рекол на Даме дека презема голема одговорност врз себе. Чичко Петруш кажуваше дека Даме Груев дури и му се заканувал на Никола, кој долго одлагал да ја однесе архивата во Софија. Во кафеаната каде што била донесена и предадена архивата, заедно со Даме Груев бил и Борис Сарафов, човекот што ја издејствувал одлуката за предвремено востание, на која Никола, исто така, се спротивставил во Смилево. Како и да е, оттука натаму претседателот на Крушевската република веќе немал никаков увид во тоа каде е и што се случува со архивата на Републиката – вели Мише Карев.
Разочаран од малодушноста, па дури и од незаинтересираноста на некои дејци на револуционерната организација за крвавата тиранија што ја спроведува Турција по задушувањето на Илинденското востание, војводата Никола Карев пролетта 1905 година решава да се врати во татковината и тука да ја продолжи борбата за автономна и обединета Македонија. Тргнал на пат со мала чета одбрани борци, користејќи канал на Организацијата преку Кочанската котлина. За жал, по пат четата е предадена, се разбира и овојпат од Македонец. Турскиот аскер ги опколува во близина на селото Рајчани и успева да ја ликвидира речиси целата чета. Се спасил само војводата Петар Ацев со уште неколкумина комити.
Според спомените на Петруш Карев, најстариот брат на Никола Карев, претседателот на Крушевската Република во тој судир со аскерот бил тешко ранет. Ризикувајќи ги своите животи, двајца комити успеваат да го засолнат во една од блиските колиби, но војводата обилно крварел и повремено ја губел свеста. Целиот терен бил сардисан од војската која била веќе во близина на колибата каде што бил ранетиот Карев.
Немајќи друг излез, војводата и уште неколку комити извршуваат самоубиство. Во врска со убиството на Претседателот, во некој турски весник излегла информација, заедно со фотографија на девојка.
– Кога Никола бил мртов, војникот што вршел претрес во кошулата нашол слика на девојка. Тоа е фотографијата на Коца Јосева Хаџова, вереницата на чичко ми. Тој весник долго го чувавме дома, но во педесеттите години на минатиот век ни го зедоа за архивот, или за Институтот за историја, не се сеќавам точно, но знам дека никогаш не ни го вратија, иако ветуваа дека ќе ни достават барем копија. Од нашата куќа беше однесено се што беше поврзано со чичко ми Никола и неговите браќа. Бугарите ја зедоа архивата на Крушевската Република и сите документи потпишани лично од Никола Карев. Србите ни ги зедоа писмата на Никола до своите родители, како и писмото кое Гоце Делчев му го напишал на Никола, и во кое го советува да не оди во Солун, туку да остане во Битола, каде што е многу покорисен за делото. Една фотографија, која уште нигде ја немам видено да е објавена, јас лично му дадов на нашиот историчар Љубен Лапе. Подоцна му дадов една фотографија од Никола и на Орде Ивановски. Тоа беше фотографија на чичко ми од 1900 година. Фотографијата беше многу значајна поради тоа што на опачината беше потпишана лично Никола. Тој ја имаше напишано и датата – 1 мај 1900 година.
Чичко ми Петруш кажуваше дека Никола, три дена, во август 1903 година, лично му го диктирал на Никола Киров Мајски, негов братучед, познатиот Манифест на Крушевската Република. И тој оригинален запис на Манифестот, заедно со сите други белешки, биле однесени во Софија, заедно со архивата на Горскиот штаб и на Владата на Крушевската Република. Единствено нешто што успеавме да зачуваме дома е портретот на Никола од 1901 година, врамен во рамка од ореово дрво. И рамката и фотографијата се постари од сто години. Ги чуваме во семејството како најскапоцено нешто. Чувам и некои фотокопии на документи до кои имам дојдено последниве неколку децении, како што е неговото интервју за грчкиот весник ‘Акрополис’, дадено на грчки новинар на 8 мај 1903 година во Битола. Во интервјуто направено само три месеци пред Илинденското востание, Никола Карев на грчкиот новинар отворено му кажува дека е Македонец, но и дека се смета за потомок на Александар Македонски. Исто така, во тоа интервју, Никола вели дека македонскиот народ ‘сака пријателство не само со Бугарија, туку со секој кој ќе ни помогне да се ослободиме’, а истовремено потсетува дека засега не останува ништо друго ‘освен да ја продолжиме борбата’ – тврди Мише Карев.