Пред Соборниот храм во Скопје, поставена е Божиќната пештера. Во неа, Марија, и Исус положен во плетена колевка, а пред пештерата тројцата мудреци со даровите за бебето.
Но, дали знаете дека во Библијата пештерата не постои? Од 27-те книги во Новиот завет (четири евангелија, Откровението на Јован и 22 посланија), само во две евангелија се зборува за раѓањето на Исус. Тоа по Матеј и тоа по Лука.
Матеј започнува со тоа што Исус е веќе роден, а мудреците ја здогледуваат ѕвездата на исток и тргнуваат по неа. Таа ги води до Ерусалим, потоа до местото каде е Исус (не пишува дали е тоа Витлеем) и застанува над куќата во која тој се наоѓа:
„И штом влегоа во куќата, Го видоа Младенецот со мајка Му Марија, и паднаа, па Му се поклонија; а кога ги отворија своите ковчежиња, Му принесоа дарови: злато, ливан и измирна“ (Мт. 2; 11).
Значи, мудреците доаѓаат во куќа, а не во пештера што е разбирливо со оглед на времето кое им било потребно да стигнат (некои научници сметаат дека тие тргнале од Петра). Потоа заминуваат во спротивен правец, односно не се враќаат кај Ирод во Ерусалим, поради гласот кој така им наредил, потоа следи наредбата да с еубијат сите деца до две години во Витлеем итн.
Кај Лука, приказната е малку поинаква, но и тука нема пештера. Нема ни куќа, ни штала. Се споменува само дека за Јосиф и Марија немало место во гостилниците во Витлеем (тогаш мало гратче со не повеќе од 500-тини куќи) и дека по пораѓањето, Марија го повила Исус и го легнала во јасли (Лк, 2;7).
Јаслите се дрвен сад во кој се става храна за добиток, што упатува на штала или евентуално на пештера која е прилагодена да се користи како штала. Но, Лука не се изјаснува за што станува збор – не споменува ни пештера, ни штала.
Така што, во евангелијата нема ни плетена кошница, ни мудреци во пештера, а како што видовме нема ни пештера. Од каде тогаш овие орнаменти врежани во традицијата на христијаните?
Нив го има во Протоевангелието по Јаков, братото на Исус, кое го нема во Библијата, што значи не е канонско. Напишано е во вториот век, меѓу 50 и 100 години по евангелијата, а веројатно имало за цел да реши, да појасни некои дилеми кај тогашните христијани околу самиот настан (на пример, случајот со Саломија која влегла во пештерата да се увери во чудото од Марија, по што и се исушила раката затоа што не поверувала). Со оглед на времето од кое потекнува, сосема е јасно дека автор на Протоевагелието не е Јаков, братот на Исус, иако последните редови вели: „Јас, Јаков ја напишав оваа приказна во Ерусалим…“
Споре авторот кој се претставува како Јаков, Јосиф излегол да бара бабица (во меѓувреме Марија се подила, за да не се дозволи вмешување на некоја бабица во раѓањето), а некоја жена го прашала каде оди и каде е жената што треба да се породи: „Во пештерата е“, одговорил Јосиф.
Авторот на ова Протоевангелие, веднаш ги донесува и мудреите во Витлеем, пред пештерата. За разлика од Евангелието по Матеј, каде ѕвездата го носи мудреците до куќата во која Исус се наоѓа, Протоеваглеито по Јаков пишува дека ѕвездата ги донела мудреците во Витлеем и застанала точно над пештерата во која се наоѓа, внимавјте сега, не бебето, не новороденчето, туку „детето“.
Така што, кога се ќе се собере, во случајот со поставување пештери и слични постановки по црквите и домовите, имаме очигледен спој помеѓу тоа што е опишано во Библијата и тоа што останало надвор од Библијата, но е прифатено од христијаните како симбол на верба во еден настан, а не како настан кој историски точно е опишан во сите детали.
Но, во крајна линија, битно е дека Исус се родил, а дали тоа било во штала, пештера, дали ѕвездата е измислена или е сомбол на нешто друго, е помалку битно.
Д.Ј.