Откако вчера стана јасно дека дека владејачкото мнозинство и опозициската ВМРО-ДПМНЕ постигнале договор за деблокирање на дел од законите од 123. седница, а за в сабота е најавена средба меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски се отвора патот за формирање на техничката Влада.
Премиерот Зоран Заев изминатите денови неколку пати најавуваше дека избори нема да има на 12 април, а тој нема да поднесе оставка, доколку опозицијата не ги одблокира законите од кои зависат платите, пензиите и инвестициите. Тој посочи дека избори во 2020 година ќе има, но дали тие ќе се одржат на 12 април ќе зависи од пристапот на опозицијата кон Собранието.
Собранискиот спикер Талат Џафери вчера излезе со изјава дека владејачкото мнозинство и опозициската ВМРО-ДПМНЕ постигнале договор да бидат усвоени сите законски предлози од 123. собраниска седница, кои се врзани со примена од 1 јануари.
Опозициските пратеници до завчера попладне со долги говори и реплики речиси и да ја блокираа оваа седница. Сто дваесет и третата седница продолжува денеска, а неа треба да бидат донесени околу четириесетина закони врзани со рок, односно со примена од 1 јануари, меѓу кои и од сферата на финансиите, социјалата и здравството. Другите точки од оваа седница на дневен ред ќе бидат разгледувани по Нова Година.
Сепак, во Собранието информираат дека согласност нема за носење на некои од клучните закони, како Законот за одбрана, на пример. Џафери е дециден дека пораката до НАТО за неносењето на Законот за одбрана не го праќа Собранието, туку политичките партии.
Џафери вчера рече дека изборите не можат да бидат одложени, бидејќи тие се уште не се распишани.
Во случајов, на пример, доколку премиерот не поднесе оставка, не може да се избере техничка Влада и да се одржат предвремени избори. Сепак, доколку се следи предвидената динамика, се очекува на 3 јануари да биде одржана седница на Парламентот на која би била избрана техничката Влада.
Заев и Мицкоски в сабота ќе имаат средба во Владата, откако денеска на состанок на највисоките партиски тела на СДСМ ќе биде познат техничкиот премиер. Средба в сабота ќе имаат и Мицкоски и лидерот на ДУИ Али Ахмети.
Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ вчера едногласно го поддржале лидерот на партијата Мицкоски да ги води разговорите и да ги даде предлозите во однос на кандидатите на партијата за идни министри, односно заменици или дополнителни министри во техничката влада.
Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев по седниците на највисоките партиски тела нагласи дека целта на оние кои од опозицијата ќе влезат во техничката влада ќе биде да се погрижат за фер, демократски и целосно транспарентни избори кои што ќе се одржат на 12 април.
Согласно законот, опозицијата мора да дојде на консултација за предлогот за министер за внатрешни работи и тој да биде прифатен од власта (двете најголеми партии).
Јанушев вчера рече дека имаат кандидат за министер за внатрешни работи, но не сакаше да кажува имиња.
А за претседателот на Собранието Талат Џафери нема никакви препреки сите процедури околу изборот на новата техничка влада да завршат на 3 јануари, од оставката на премиерот Зоран Заев, назначување на мандатар од претседателот Стево Пендаровски, до изборот на техничката влада во Парламентот.
Џафери вечерва во интервју за Вин-Вин на ТВ Телма истакна дека тој отсекогаш се залагал за координација и непречена комуникација меѓу носителите на власта со цел непречено да се одвиваат процесите во државата.
Тој истакна дека утре по седниците на Централниот и Извршниот одбор на СДСМ ќе се знае името на техничкиот премиер, а исто така и кандидатите од ВМРО-ДПМНЕ.
-Утре сите ќе осознаеме дека носител на функцијата премиер по состанокот на СДСМ ќе биде назначеното лице, потоа и од ВМРО-ДПМНЕ по соодветниот состанок ќе ги осознаеме имињата на кандидатите за министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика, рече Џафери.
На лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски, беше договорено на 12 април да се одржат предвремени парламентрани избори. Согласно процедурата, на 90 дена пред изборите треба да се формира техничката влада или во случајов тоа треба да се случи на 3 јануари.