Осум лица загинаа ноќеска при обид да го преминат каналот Ла Манш од Франција до Англија, соопшти француската полиција, пренесува Би-Би-Си.

Службите за спасување биле алармирани откако чамецот наишол на проблеми во водите северно од Булоњ-сур-мер во Пас-де-Кале, во 01:00 часот по полноќ според локално време.

Гуменото пловило заминало со 50 луѓе на него и почнало да тоне не долго по напуштањето на брегот.

Ова се случува помалку од две недели по трагедијата во која 12 лица, меѓу кои шест деца и една бремена жена, загинаа кога чамец што превезувал десетици мигранти потонал.

Инцидентот на 3 септември беше најголемата загуба на животи во Ла Манш оваа година.

Портпарол на британската влада го потврди инцидентот и изјави дека француските власти ја водат истрагата.

Министерот за надворешни работи, Дејвид Лами, рече дека е ужасно да се слушне за понатамошна загуба на животи во каналот.

Тој изјави дека луѓето не можат да успеат да го преминат Ла Манш поради квалитетот на гумените чамци кои ги користат.

Исто така, тој повтори дека планот на владата е да соработува со европските партнери за да ги спречи криминалните банди за шверцување на луѓе и да ги обесхрабри премините со мали чамци.

Во последните два дена има зголемен број на обиди за преминување на каналот поради појавата на помирно време.

Француските морнарички власти соопштија дека 200 лица биле спасени во период од 24 часа во петок и сабота.

Француската крајбрежна стража и други спасувачи спасиле лица од четири одделни чамци – еден со 61 лице, друг со 55, и уште два со по 48 и 36 лица.

Властите надгледувале 18 обиди за преминување во текот на денот.

Вклучувајќи ги и последните осум жртви, вкупно 45 лица загинале преминувајќи го Ла Манш оваа година – највисокиот пријавен број од 2021 година, според Меѓународната организација за миграции на ОН.

Повеќе од 21,000 лица го преминале каналот оваа година.

М.П.