Еко активистите од „Здрава котлина“ и „Еко долина“ синоќа на плоштадот во Струмица почнаа со собирање потписи против Рудникот „Иловица-Штука“ преку организирање на настан „Потпиши се против рудникот на смртта“.

Граѓаните се потпишуваа во отворената книга, а според активистите со ставањето потпис граѓаните ќе го искажат својот став против овој сериозен проблем кој може долготрајно да и наштети на Струмичката котлина и целата флора и фауна која егзистира на оваа територија.

Тие побараа од Владата целосно да ги раскине договорите за концесиите.

-Она што треба да следи е целосно раскинување на договорите за двете концесии согласно законот за минерални суровини, порачаа активистите.

На настанот настапи хорот „Стихири“, а писателите Мариета Дукиќ и Коста Милков читаа свои песни и текстови. Беше прикажан и документарен филм во кој се објаснети штетите од отворањето на рудникот, а пред граѓаните се обратија и неколку еко активисти.

Тие најавуваат дека ќе продолжат со собирање потписи и во наредниот период во населените места и останатите општини во струмичкиот регион.