Потрагата по осомничениот Един Гачиќ за вчерашното убиство на полицаецот на Федералната управа на полицијата, Махид Бегиќ, ја дигна Босна и Херцеговина на нозе.

Обвинителството на кантонот Сараево подигна истрага против Гачиќ за трикратно убиство.

Потрагата за Гачиќ се уште трае, а проширена е низ цела БиХ. На терен се сите полициски единици на МВР на кантонот Сараево и Федералната управа, но и припадници на специјалната полиција, јавија медиумите во БиХ.

Осомничениот убиец на полицаецот му нанел повреди на главата и рацете со огнено оружје. Полицаецот искрварил и починал, а телото го пронашол негов колега кој требало да ја преземе смената.

Портпаролката на обвинителството на кантонот Сараево, Азра Бавчиќ, рече дека увидот се уште трае.

Гачиќ на 4 февруари во местото Подорашац кај Коњиц го убил Саус Султаниќ и од тогаш трае потрагата по него. Тој веќе отслужил казна затвор за две убиства досега.

Адмир Катиќ, министер за внатрешни работи на кантонот Сараево, на социјалните мрежи порача дека потрагата за Гачиќ нема да запре се додека не биде изведен пред лицето на правдата.