Месечните трошоци продолжуваат да растат. Во април, минималната синдикална кошница изнесува 60.212 денари, објави Сојузот на синдикати на Македонија.

По ова може да се види дека  во споредба со претходниот месец,  на едно четиричлено семејство сега му се потребни дополнителни 1.214 денари за да ги покрие основните трошоци. Ако на ова се додадат и трошоците за изнајмување стан од 60 квадратни метри, синдикалната кошница надминува  1.200 евра.

Според, пресметката на ССМ, најмногу пари во месецот или нешто над 22.000 денари, едно четиричлено семејство троши на храна и пијалаци.

За облека и обувки 4.866 денари, односно 8,1 отсто, за станарина, вода, електрична енергија, и греење 6.014 денари или 10 отсто, за лична хигиена и одржување на хигиена во домот 1.827 денари или 3 отсто, за здравје 1.059 денари или 1,8 отсто, за транспорт 5.068 денари, односно 8,4 отсто.

За комуникации на едно четиричлено семејство во април годинава му биле неопходни 3.004 денари, односно 5 отсто од износот на минималната кошничка, за рекреација и култура 4.378 денари или 7,3 отсто, за образование 6.955 денари или 11,6 отсто, за ресторани и хотели 3.890 денари или 6,5 отсто, а за останати стоки и услуги 950 денари, односно 1,6 отсто.

Минималната синдикална кошничка се изработува според нова методологија. Според ССМ, новата синдикална минимална кошница опфаќа трошоци на семејство од двајца родитела и две деца кои се ученици. Живеат во сопствен стан од 60 квадрати во Скопје (За семејствата што изнајмуваат стан синдикална минимална кошница е поголема за 15 450 денари месечно, односно 18 540 денари годишно).

Семејството ги купува само основните прехранбени производи и притоа прават споредби на производите барајќи ги тие
со пониски цени. Можат да си ги дозволат само основните производи за домаќинството. Кога купуваат облека секогаш предимство им даваат на производите кои што имаат попуст.

Поседуваат еден мал автомобил, а повозрасното дете има и месечен билет за автобуски превоз. Сите членови на семејството се здрави и користат главно превентивни или најнеопходни здравствени услуги. Не можат да си дозволат да јадат во ресторани, единствено два пати месечно можат да си дозволат храна од сендвичара и одат на одмор во бунгалов во Дојран 7 дена во јуни.