Од 3,5 до 9 отсто поскапа струја од први јануари. Ова се проекциите на првиот човек на Регулаторната комисија Марко Бислимовски, откако до нив се доставени пресметките на трите енергетски компании во државата. Она што е јасно е дека покачувањето на ДДВ-то за струја од 5 на 10 отсто ќе влијае со 4,72 отсто на цената на струјата а доколу се прифатат сите барања на енергетските компании тоа ќе предизвика дополнително зголемување од 3,5 до 4 отсто.
„Доколку се прифатат барањата како што се наведени, просечната цена за снабдување на малите потрошувачи и домаќинствата би се зголемила за 3,5 до 4 проценти, а зголемувањето на ДДВ-то од 5 на 10 отсто ќе има влијание од 4,72 проценти на крајниот трошок, рече претседателот на РКЕ Марко Бислимоски на денешната прес-конференција.
Како што е веќе познато ЕСМ му понуди цена од 56 евра за мегават час на униврзалниот снабдувач ЕВН Хоум што е за 16 отсто повисока од сегашните 48 евра. ЕВН Хоум пак до Регулаторината комисија поднел барање за зголемување на цената на струјата за пет отсто, преносниот оператор МЕПСО побарал зголемување на цената за пренос на електрична енергија за 29,75 отсто додека „ЕВН Електродистрибуција“ побарала намалување на услугата за дистрибуција на електрична енергија за 2,8 отсто. Бислимовски најави дека повеќе од извесно е дека трошокот за дистрибуција на електрична енергија ќе биде намален.
Во пресметките на регулаторите, во крајната цена на струјата која ќе ја плаќаат граѓаните од 1 јануари со 46 отсто учествува цената за набавка од ЕСМ, која е веќе позната – 56 евра, речиси 10 отсто одат за снабдувачот ЕВН Хоум, МЕПСО влијае со околу 4 отсто на цената а Електродистрибуција со над 35 отсто.
Она што ги засега граѓаните е дека останува истата граница на потрошени киловат чоасови струја на четирите блока за тарифирање кај домаќинствата. Иако имаше најави за поместување на граници, а од надлежните и за поевтинување на првите два блока на сметка на третиот и четвртиот, засега нема да има измени. Блокови за мали потрошувачи нема да има од 1 јануари.
„Блоковската структура и границите остануваат исти. Четири-пет месеци веќе се применуваат. Имаме добри резултати така што сега засега не планираме да ги промениме и ќе останеме со истите блокови. Нашите анализи покажаа дека во овој момент не може да се воведе блокови за малите потрошувачи, бидејќи кај нив има огромна шареноликост на потрошувачката. Правиме дополнителни анализи и тоа најверојатно ќе стартува од 1 јули“, кажа регулаторот Бислимоски.