Oстатоци од канцерогениот линдан од ОХИС се депонирале и на локалитетот Пеленица, над скопско Драчево, покажаа официјалните испитувања на Министерството за животна средина, рече министерот за екологија Насер Нуредини.

– Отпадот несоодветно се депонирал на локацијата во 1976 година, кога работел хемискиот гигант, изјави Нуредини во синоќешната емисија „360 степени“ на ТВ Алсат.

Тој потврди дека резултатите покажуваат висока контаминираност на теренот за кој станува збор.

– За жал, податоците говорат дека има загадување. Денеска ги добивме сите анализи и треба да ги разгледаме сите тие, но контаминирано е, и тоа високо, и ќе преземеме соодветни мерки. Ова е и позитивно и негативно. Негативен е фактот што постои дека земјиштето е загадено со линдан и други материи во оваа локација. Позитивното е тоа што ние како Министерство откога сум дојден јас тука, сум побарал да го измениме Законот за животна средина, со цел ние да почнеме да истражуваме жешки точки во нашата држава, за еднаш и засекогаш да знаеме кои локации се загадени и да обезбедиме да нема негативно влијание кај граѓаните кои живеат околу тие точки, рече Нуредини.

Тој посочи дека освен за земјиштето, министерството ќе се погрижи и за подземните води. Нуредини додаде дека најбрзо што може ќе се распише тендер за повторно поставување на информативна табла и целосно оградување на парцелата, откако претходната табла ја снема, а дел од жицата била украдена, дел урната, за локалните жители да го пасат добитокот на таа локација.

Видеото и целиот разговор на Нуредини може да се отвори ТУКА.