Дека за успешен проект не се доволни добра идеја, лична решителност и обезбедени средства покажува примерот на охриѓанецот Божин Трајкоски, човекот кој не успеа во намерата да изгради елитна еколошки чиста и одржлива населба во охридскиот регион.
Трајковски, родум од селото Лакочереј, кој години живеел и печалел во Австралија, се врати во родната земја, во родниот град со замисла на околу 20 хектари земјиште во месноста Вишо северозападно од Охрид да изгради повеќе од 170 објекти, што станбени објекти за домување, што пропратни инфраструктурни објекти, спортско-рекреативен центар, но и старски дом, па и хотел со пет ѕвезди со најсовремено игралиште за голф. Четири години и многу средства потроши за да ги купи сите предвидени плацеви во атарот на неговото родно Лакочереј. Дванаесет години подоцна неговите плацеви се уште се земјоделско земјиште, а нему лично му остана само горко искуство дека во земјата како да отсуствува сенс за поддршка на добрите идеи што би биле од полза на целата заедница.
Трајкоски повеќе од 15 години како сопственик на градежна компанија учествувал во изградба на станбени згради, мостови и патишта низ Австралија. Како што објаснува самиот тој, после пензионирањето и осамостојувањето на Македонија, негова единствена цел и желба биле да остави своја трага во родната земја.
– После речиси цел животен век минат во странство, а постојано со мислите во Македонија, имав желба нешто лично да придонесам за развој на родниот крај. Со таква намера и се вратив тука, да изградам населба по сите светски стандарди на современото живеење. Сега, десеттина години подоцна работите се уште се на почетна позиција, изјави Трајкоски во разговор за МИА.
Неговите проблеми почнуваат кога неговиот проект, целосно финансиски покриен од лични средства и одобрен од Општина Охрид, како што вели, заглавува некаде во државните институции. Проблемот се јавил кога тој како потенцијален инвеститор не успева да добие пренамена на земјиштето од земјоделско во градежно.
– Предноста што ја нуди Охрид е најубавото езеро и добрата клима, но попусто е сето тоа кога отсуствува чувството кај заедницата за општото, поширокото добро. Забраната за градење е добра за крајбрежниот појас, но елитина населба далеку од езерото никому нема да му пречи, особено што се работи за локација што сега стои запуштена, а нема ниту некаква значајна земјоделска вредност оттаму што главно се работи за камена почва, вели Трајкоски.
Самата локација на предвидената населба е далеку од строго заштитениот крајбрежен појас, неколку километри од магистралниот пат Охрид – Кичево доволно настрана од градската гужва, а сепак атрактивна и идеална за таква намена.
Дека неговата замисла не е без основа кога вели дека планира да изгради современо уредени станбени објекти дополнително говори податокот што неговата куќа во Канбера е впишана во каталогот на 200 најдобро уредени места за домување во Австралија.
– Планот предвидуваше изградба на 174 станбени куќи на приземје, секоја со уреден двор и најсовремено уредена инфраструктура, пристап од улица и сопствен паркинг-простор, на начин како што тоа е решено и уредено во Австралија. Предвиден беше и пензионерски дом со стотина апартмани, помал-спа центар. Исто така, предвидена е и еднокилометарска пешачка зона за шетање и рекреација. Улиците низ населбата широки шест метри, секоја со двометарски тротоар и зелен појас. Во планот има голема површина со шума и зеленила, со цел воздухот да биде чист, појаснува Трајкоски за МИА.
За да успее неговата замисла, Трајкоски смета дека неопходни се измени во легислативата во земјата, согласно светските практики, што ќе им овозможи и на странски државјани да купат станбени и индивидуални објекти, за истите да можат да се доселат во земјава.
– Тоа е европски закон што важи низ целата Европска Унија. Зошто Македонија би била исклучок на светските практики, доколку се има предвид оти во елитна населба сопственици би биле луѓе со добри примања, пензионери кои нивните добри пензии заработени надвор би ги трошеле тука, што би било од полза на сите сфери од локалната економија, посочува тој.
Неговата идеја дополнително добива на тежина кога интерес за учество во целиот проект пројавуваат и професионални проектанти на игралишта за голф од Англија, кои ја увидуваат поволната местоположба на населбата и близината на меѓународниот аеродром.
– Во светот има многу богати луѓе кои сакаат да осознаат нови локации, да видат места што никогаш не ги посетиле, а имаат изградени игралишта за голф. Охрид со природните убавини и богатото културно-историско минато можат и тоа како да бидат магнет за вљубеници во голфот од целиот свет. Воопшто не е срамота да се потсети дека голф играат луѓе со подлабоки џебови, кои не жалат средства за нови искуства, вели Трајкоски.
Интерес за купување куќа во населбата уште пред изградба пројавиле дваесеттина наши иселеници во Австралија, кои биле подготвени после пензионирањето да се вратат во татковината, но, како што вели Трајкоски, тие знаат што сакаат за своите пари, да добијат пристојно место за домување по западни стандарди.
Заинтересирани за проектот биле и инвеститори од Русија, Украина, Шпанија кои, како што вели, оставиле да ги заврши административните работи за да вложат средства. Шпанските инвеститори дури и дошле во Охрид и заедно со тогашниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство ја посетиле локацијата што се наоѓа над поранешното воено стрелиште Мауцкер. Но, со промената на власта во земјата после изборите 2011 година сите активности околу проектот се запрени од, за Трајкоски, непознати причини.
После временска дискрепанца од повеќе од една деценија, проектот на Божин Трајкоски се наоѓа на истото место како и во 2008 година – на парче хартија и грст добра волја. Со досега потрошени 240 илјади долари, тој се уште не се откажува од идејата да инвестира во родниот крај, енергијата е тука, позитивната мисла не го напушта. Се надева дека долго најавуваниот почеток на претпристапните преговори за членство на Македонија во ЕУ ќе донесат и некои нови правила на игра во кои добрите идеи ќе ја уживаат поддршката на заедницата.
Александар Бачиќ за МИА