Група мигранти ноќеска била привредена при обид да влезе на полска територија преку Белорусија, наведе полската гранична стража. Притоа вкупно 55 мигранти биле приведени и вратени на другата страна од границата, изјави во неделата портпаролката на службата, пренесе ДПА.
-За време на инцидентот кај селото Чермша, мигрантите со камења ги гаѓале полските војници, рече таа. Според информациите, еден војник бил погоден со камен в лице и морало да му се укаже лекарска помош, додаде германската агенција.
Во последните 24 часа полските граничари регистрирале вкупно 52 обиди за преминување на границата, а во петокот вечерта група од 28 мигранти ги поминала граничните бариери.
Илјадници мигранти и бегалци со недели наназад се обидуваат да ги минат надворешните граници на ЕУ, од Белорусија кон Полска или балтичките земји.
ЕУ го обвинува авторитарниот белоруски претседател,Александар Лукашенко, дека намерно дозволува летови на лица од кризните региони до Минск со цел да ги прошверцува во ЕУ и со тоа да ја дестабилизира ситуацијата на Запад.
Земјите на ЕУ кренаа бодликава жица за да ги спречат мигрантите.
Од аеродромот во Минск пред два дена за Ирак полетал уште еден специјален чартер авион со повеќе од 400 мигранти, напиша во петокот вечерта на Твитер портпаролот на разузнавачките служби Станислав Зарин.
Ирачкото Министерство за надворешни работи денеска преку државната агенција ИНА соопшти дека во последните недлеи во земјата се вратени повеќе од 3.500 мигранти заглавени во Белорусија, пренесува ДПА.