Владата ја одобри трасата низ која ќе треба да минува ветениот пат Тетово – Призрен преку Шар Планина.

Според физибилити студијата направена во 2013 година, должината на патот треба да биде 40,6 километри и тој ќе биде поврзан со тунел долг 6,4 километри. Избраната варијанта е поскапа од онаа која ја препорачаа експертите кои ја изработија анализата за економската оправданост, според нив, најдобрата траса е варијантата со тунел од 3,2 километри, пишува Порталб.

Според владината одлука, патот Тетово-Призрен ќе оди преку селата Шипковица, Бродец, Вешала и потоа ќе продолжи кон подножјето на врвот Кобилица и границата со Косово, каде што ќе се пробива тунелот долг 6,4 километри, а на косовска страна патот би продолжил преку селата Манастирица и Речане кон Призрен.

Од ЈП за државни патишта (ЈПДП) велат дека по одобрувањето на трасата, во тек се работите за програмата за проектирање.

– Што се однесува до активностите поврзани со проектот за изградба на патот Тетово – Призрен, ве известуваме дека по одобрението од Владата, Градежниот факултет веќе работи на програмата за проектирање на трасата на патот, велат за Порталб од ЈПДП.