Утринско кафе на речиси 770 метри надморска висина, далеку од градската врева, метежот и скопскиот асфалт. Се слушаат само птички и штурчиња. Дури и ветрето е тивко, но се чувствува. Пред вас манастирот „Свети Пантелејмон“, а наоколу падините на Водно. Мир и спокој. Вистинско уживање.
Вака можете да го почнете денот ако дојдете во етнокомплексот „Македонско село“, во близина на Горно Нерези, кој по седум години повторно ги отвори вратите за посетителите. Запуштениот девастиран објект, со искршени фасади и оштетени покриви, што висеше како тажна слика, денес има сосема нов лик и свети во полн сјај.

„Македонско село“ се наоѓа на осум километри од центарот на Скопје. Пристап има од две страни – преку населбата Хром, од каде што се двои патот за селото Нерези и преку патеката што ги поврзува Средно Водно и „Свети Пантелејмон“. Оние поамбициозните, со добра физичка кондиција, може да дојдат со велосипед, а не е исклучена и опцијата пешачење (за најупорните).
Кога ќе стигнете, ќе ве пречекаат ширум отворени дрвени порти. Штом ги преминете, како да влегувате во друга димензија. Ја оставате зад себе монотоната урбана реалност и станувате дел од еден сосема поинаков сензибилитет, во кој се преплетуваат етноестетиката, традицијата и модерниот туризам.

Зачекорувате внатре. Пред вас од левата страна ќе ја забележите мапата, од која јасно се гледа што содржи комплексот.
„Македонско село“ се протега на површина од 12.000 квадратни метри. Во него се наоѓааат вкупно 12 автентични куќи, кои ја претставуваат традиционалната архитектура на шесте региони: Источниот, Североисточниот, Западниот, Северозападниот, Централниот и Југозападниот. Куќите располагаат со 54 соби – еднокреветни, двокреветни и „твин“, трикреветни и четирикреветни, како и со луксузен апартман, со два големи брачни кревети. Капацитетот им е за речиси 123 гости.
Не помалку впечатливи се и Етномузејот, летната сцена (амфитеатарот), занаетчиските продавнички и антикварницата, кои му даваат посебен шарм на просторот. Големо внимание привлекува и кујунџиската работилница, на која е поставена ознаката „Македонски рубин“.

Составен и многу важен сегмент од комплексот се и таверната „Македонски ан“, како и ресторанот „Антигона“, кои се задолжени за автентичната македонска кујна, подготвена по стари рецепти и со внимателно избрани локални состојки.
Македонската традиција на дланка
Во „Македонско село“, првин ве пречекува беровската куќа, карактеристична по доминацијата на дрвените елементи и малешевските етномотиви. Таа е исправена како горда, дотерана госпоѓа, небаре во секој момент ќе ве послужи со најубавото слатко. Десно од неа е битолската куќа, која ја прикажува богатата неокласична и традиционална градска архитектура од Широк сокак.

Потоа, распоредени во целиот комплекс се и другите: делчевската (ја отсликува традиционалната пијанечка архитектура со специфични тремови), кумановската (го претставува рамничарскиот иселенички стил од овој крај), кратовската (препознатлива по високите камени ѕидови и еркерно истакнатите катови, куќата Скопска Црна Гора (со специфичен рурален стил од Скопскиот Регион), тетовската (ја отсликува полошката градска и селска куќа со пространи чардаци), реканската (го прикажува карактеристичниот спој на камен и дрво од поречието на Радика), галичката (изградена со масивни камени ѕидови, инспирирана од познатите мијачки мајстори), струшката (со традиционална архитектура покрај вода и специфично уредени прозорци), велешката (инспирирана од стрмната велешка архитектура со каскадни нивоа) и прилепската (градски тип куќа со симетрични прозорци и препознатлива фасада). Како што шетате по камените улички, така ги пресретнувате една по една.

На чардаците, во зависност пред која куќа минувате, ќе забележите низи суви пиперки или распослани волнени черги. Рачно ткаените украси и другите разновидни традиционални детали како да ве повикуваат да се доближите и да ги допрете, да ја слушнете приказната што со векови ја раскажувале и сè уште ја раскажуваат. Тоа за миг ве враќа во минатото, ве потсетува на старите црно-бели фотографии на вашите баби и дедовци. Ви буди некое преубаво чувство на среќа и радост.

– Спојувајќи рустична автентичност и современа удобност, куќите нудат топол и незаборавен престој инспириран од македонската културна традиција. Секоја куќа е изградена според оригиналниот изглед на традиционалните македонски куќи од разните региони и уредена во препознатлив стил, со автентични традиционални предмети, фолклорни орнаменти и детали што ги зачувуваат изворниот дух и културното наследство на регионот од кој потекнува. Тука гостите може да преспијат и утрото да го дочекаат буквално во природа уживајќи во мирот, спокојот и чистиот планински воздух – објаснуваат домаќините одговорни за „Македонско село“.

Октриваат дека комплексот месечно има над 500 посетители.
– Гости ни доаѓаат од секаде, и од Македонија и од странство. Некои за викенд или на повеќе денови, други специјално на кафе, за појадок или ручек, трети на вечера. Често се организираат културни, уметнички, корпоративни и протоколарни настани, работилници, семинари, сценски изведби, свечености, приеми, тематски вечери и презентации, крштевки, родендени, групни туристички посети. Местото навистина има потенцијал. Природниот амбиент, традиционалната архитектура и внимателно обликуваниот простор создаваат совршена атмосфера за незаборавни искуства. В година се планираат и две свадби, но веројатно ќе бидат помали. Многу внимаваме да не го нарушиме амбиентот, независно што и да се одржува, со оглед дека тука е „Пантелејмон“ – истакнуваат нашите соговорници.

Цената за еднокреветна соба без појадок е 1.900 денари, а за еднокреветна соба со појадок 2.350, двокреветна соба без појадок чини 3.000 денари, а двокреветна соба со појадок е 3.900 денари.
Етно музеј
Во куќата од типот „Чардаклија“ се наоѓа Етномузејот, кој работи секој ден од 10 до 18 часот, освен понеделник. Влезот е бесплатен. Моментно е поставена изложба што го претставува македонското културно наследство преку традиционални женски народни носии, ткаеници од разни региони, како и дрвени и метални покуќнински предмети, кои се дел од богатата етнолошка збирка на НУ Музеј на Република Северна Македонија.

Експонатите ја отсликуваат естетиката на традиционалниот начин на живеење, а преку материјалите и техниките на изработка се согледуваат социјалниот статус и културниот контекст на нивните сопственици.
Бакарен тас за тутун од Прилеп, ѓумче за вода од Велес, бакарни чаши од Скопје, ѓезвиња, стомни од Велес, Ресен и Кичевско, лучник со толчник од Галичник, склопци (дрвени садови за храна) од село Одрено, кутии за кафе, лажица на расклопување од село Ореше, лопатче за црпење брашно од село Биџово, лејче за чување сол од село Дуње, се само некои од изложените предмети.

На ѕидовите на Етномузејот има и стари фотографии: дете во народна носија од Скопска блатија, ковенџија од Скопје, невеста и младоженец во носии од село Козбунар, мајки со деца од село Саса, жена што ткае на разбој од струмичкото село Рич, невеста што преде памук од гевгелиското село Миравци…
– Во тек е изложбата на невестински и празнични народни носии од крајот на XIX и почетокот на XX век, како и на секојдневните предмети што се користеле во тој период. Изложбата, всушност, прикажува дел од огромната културна ризница на Македонија, народни носии со и без накит. Целта е да се покаже големата типска разновнидност на носиите, богатата орнаментика, колоритот, многубрјните материјали и начините на украсување. Посебно место во поставката зазема жената како носител на традицијата, претставена преку празнични и невестински носии, како и градски носии ала турка, изработени од свила со срмен вез, заедно со дел од тогашната градска покуќнина. Поставката ја надополнува сликата за материјалната и духовната култура на македонскиот народ и претставува значаен сведок на неговиот културен идентитет. Преку автентичните предмети и визуелната реконструкција на амбиентот посетителите имаат можност да ги видат традиционалниот вез и занаетчиската умешност – нагласуваат од Музејот.

Оваа поставка е привремена. Предвидено е да биде овде уште некое време зашто изложбите во Етномузејот се менуваат на една година.
Занаети што ја чуваат македонската традиција
Веднаш под Музејот, во кратовската куќа, се наоѓа креативно ателје, во кое се изработува филигран од срма. Тука посетителите може да купат секаков вид накит, украсни предмети, слики, тефтерчиња, чашки…, да си понесат трајни спомени од Македонија.
Со особена внимателност, огромна трпеливост и посветеност на секој детал, применувајќи ја древната техника со употреба на фин свилен конец, Кристина Тасевска создава уникатни уметнички дела.

– Изработувам филигран од срмен конец, нешто што е баш наше, македонско, автентично. Сè правам рачно и тоа му дава на секое парче сопствен карактер и неповторлива вредност. Работам веќе 12 години, а самостојно во ателјето сум речиси 8,5-9 години. Имав среќа да го научам занаетот во едно наше многу познато македонско ателје, исто така за срма. Филиграните се првокласни. Имаме и 2Д и 3Д. Цените почнуваат од 1.200 денари и се движат во зависност од барањата и димензиите на предметот. Најголемата димензија е ѕидна слика, 1,7 метар, која чини најмалку 18.000 денари. Пред сè, ги нудам македонските традиционални мотиви, како македонскиот брош пеперутка, обетките од Требеништа – познати како златни гулабици, македонскиот штит – ни рече Тасевска, која, кога влеговме во ателјето, ја зетекнавме како везе срма.

Странците, нагласи, најмногу купуваат филигран.
– Првенствено тоа го изработуваме за да им го презентираме што повеќе на странските туристи, но тука имам и други сувенири. Го следиме пазарот, гледаме што се бара, па имаме и други, помодерни изработки, како хороскопски знаци, колибри со знакче за бесконечност, на кое во моментот работам. Изработувам со помош на колега и грнчарски производи. Тој ги прави, јас ги цртам, ги лакирам, ги подготвувам како македонски сувенир и ги изложувам за продажба. Исто и ламбички. Колешка ги прави, а јас потоа ги цртам со македонски мотиви. Имам и рачно везени миленца, наследство од баба ми и од бабата на сопругот, изработки од месинг, обетки рачно правени од полимерна глина и од епоксидна смола. Се трудиме голем дел од производите да бидат рачна изработка, но пазарот налага да имаме и нешто како чоканчиња, чашки – додаде Кристина.

Македонски рубин
Ведра и насмеана излезе да нè испрати до вратата. Ни рече: „Немојте никако да си одите без да го посетите Младен“. Мислеше на Младен Стојановски од кујунџиската работилница, во која посебно место зазема македонскиот рубин. Овој редок камен со живописна малинесто-црвена боја и природен сјај е познат по уникатната структура и реткиот оптички феномен – дијаспоресценција. Го има само во прилепскиот мермер и никаде на друго место во светот. Станува збор за минерал од групата корунд, чии ситни кристали на дијаспор создаваат бисерен сјај и концентрични светлосни кругови давајќи му волшебен, жив блесок.

Македонскиот рубин претставува и геолошко и природно чудо. Од јуни годинава и официјално е заштитен како наш, уникатен полускапоцен камен и доби статус на заштитено национално минерално наследство.
Работилницата е отворена од понеделиник до петок од 8.30 до 16.30, а в сабота и в недела од 10 до 17 часот.

– Македонскиот рубин е стар 1,2 милион години и има уникатна боја на малина. Посебноста на бојата најдобро се гледа кога во рубинот ќе вперите ултравиолетово светло. Ниеден друг камен ја нема оваа рефлексија. По тоа и се препознава оригиналноста на македонскиот рубин. Посетителите од странство не се многу запознаени, ама кога ќе дојдат тука, се изненадуваат колку е убав. Им го покажуваме директно, со ултравиолетово светло. Купуваат, а им се допаѓа зашто е уникатен. Освен дијамантот, ниеден друг минерал не свети вака – објаснува Стојановски, златар и магистер по вајарство.

На Мосовата скала за цврстина на минералите, македонскиот рубин е веднаш по дијамантот.
– Дијамантот е најквалитетен, на 10. место, а македонскиот рубин (корундот) е на 9. место и може да се исече само со дијамантски алатки. Ниеден друг материјал не го сече. Порано, кога го наоѓале рубинот, го фрлале. Мислеле дека им смета кога го вадат мермерот. Не знаеле и го сечеле мермерот со синџир, а тој цело време им се кинел. Виделе дека поради ова (рубинот) им се кине и постојано го отстранувале, го фрлале како ѓубре, како нешто непотребно. Потоа некој човек дошол и им рекол: „Штом ви се кине синџирот, има причина. Нешто е квалитетно, нешто е многу јако“. Некој Германец или не знам кој им кажал: „Вие имате рубин“. И од тогаш, всушност, знаеме дека го имаме. Мислам дека рубинот треба многу повеќе да се презентира. Министерството за енергетика работи на тоа. Верувам дека во иднина не ќе може веќе да се изнесува како суров материјал за надворешна употреба. До сега го изнесувале и тоа во големи количини – дополнува Младен.

Кај него ќе најдете секаков накит со македонски рубин, а може да ви направи и по нарачка, каков што сакате. Има прстени, приврзоци, синџирчиња, ѓердани, брошеви…
– Накитот јас го правам. Сè е филигранска техника и рачна изработка од сребро. Ги спојувам филигранството како наша култура со македонскиот рубин како наше национално богатство. Во „Македонско село“ сум од кога е отворено, пред една година. И претходно, кога работеше, бев тука, само во друга куќа, во вратничката. Тогаш немав македонски рубин, од септември лани работам со рубинот – вели Стојановски.

Ваков накит, филигран со македонски рубин, изработуваат уште неколку занаетчии. Цените се движат од 50 евра нагоре во зависност од димензијата на рубинот, големината (формата) на накитот и составот (дали е сребро или злато).
Ткајачка работилница
Во куќата Скопска Црна Гора ќе го забележите „Еснаф“. Ова, велат, е простор во кој традицијата продолжува да живее создавајќи спомени што стануваат дел од уште една македонска културна приказна. Тука има рачно ткаени појаси, резби, керамика, плетени и везени модни додатоци, филигран, бисери, бакарни релјефи и производи од кожа. Секое парче е изработено од мајстори од разни региони на Македонија и е резултат на посветена работа, време и трпение.

– „Еснаф“ е македонски бренд создаден од длабоката почит кон занаетот и кон човекот што го создава, културна приказна што се пренесува преку формата и материјалот редефинирајќи го традиционалниот занает во современо културно искуство. Овде, преку работилниците за ткаење, плетење, везење, грнчарство и изработка на накит, се овозможува непосредно запознавање со традиционалните техники и процесот на создавање – истакнуваат од „Македонско село“.

Во етноодајата на „Еснаф“ посетителите имаат можност и да облечат традиционална носија и да вкусат македонско кафе подготвено на традиционален начин.
Антикварница
Како што шетате по сокачињата, веднаш над кујунџиската работилница на Младен, во прилепската куќа, ќе ја забележите антикварницата „Јанакија“ – внимателно оформен простор, во кој се зачувани и изложени автентични предмети од разни историски периоди, сведоштва за естетиката, занаетчиството и начинот на живеење во минатото.

Вредни часовници со богато украсени бронзени и мермерни постаменти, декоративни канделабри, стари радија со дрвени куќишта и уникатни парчиња традиционален накит изработени од сребро, монети и филигран, се само дел од колекцијата.
Соговорниците ни кажаа дека во антикварницата особено внимание привлекуваат традиционалните македонски носии и накит, во кои се препознава умешноста на мајсторите и симболиката на културниот идентитет.

Гастрономска понуда – гостите од странство најмногу сакаат традиционално македонско гравче со колбас и салати
За целосно доживување на амбиентот во „Македонското етносело“, неизбежно е гурманското искуство што го нуди ресторанот во рамките на комплексот. Храната подготвена на традиционални огништа обично се послужува во рачно изработени земјени садови и дрвени чинии, на маса со рачно ткаени покривки.
Посетителите имаат можност да уживаат во вкусот на специјалитетите подготвени под вршник – свинско и телешко месо, ребро на скара, селска плескавица, бифтек, рамстек или да пробаат качамак со сланина, домашни јуфки со сирење, сарма, јагнешка дроб-сарма. Но тоа е само дел од богатото и примамливо мени.

– Посебно ги препорачуваме автентичното грне „Македонско село“ (бавно готвен телешки мускул со зеленчук: тиквички, пиперки, печурки и кромид), тавче-гравче, чварки со праз и кајмак, како и домашни прилози: макало, ајвар и пинџур, кои ја заокружуваат трпезата со вкусот на македонскиот дом. Со сето ова се послужва и свежо печено лепче со кремаст кајмак – откриваат од ресторанот.
Гастрономското доживување е надополнето со традиционалните десерти: раванија, баклава, туфахија, печена тиква со мед и ореви, штрудла со јаболко, трилече, мед во саќе. Секако, тука се и внимателно избраните македонски вина и ракии, како и разните видови кафиња.

– Гостите од странство најмногу сакаат традиционално македонско гравче со колбас и салати. Посебно уживање им е лепчето печено во фурна, со златеста крцкава кора и мирис што потсетува на топол македонски дом. Цените варираат во зависност од видот на јадењето. На пример, нудиме опција појадок од 9 до 13 часот, што вклучува омлет по избор (250 денари), пита (250 денари), овчо кисело млеко (100 денари), супа на денот (250 денари), качамак со сланина (300 денари) и домашни јуфки со сирење (300 денари). Потоа, имаме ладни предјадења: овчо сирење (230 денари), биено сирење на скара (250 денари), овчи кашкавал (300 денари), кашкавал со зачини (250 денари), мешана „даска“ – голема и мала (850/1.500 денари), димено домашно месо (350 денари), пифтија (200 денари)… Богат е изборот и на главни јадења: ребро на скара (450 денари), свинско ребро во фруна (490 денари, колбас (300 денари), свинско филе (690 денари), пилешки стек (330 денари). Од салати на менито се: македонска (230 денари), шопска (250 денари), егејска (280 денари), царска (200 денари), зелка (160 денари), кисела зелка (180 денари), марула (160 денари), краставица (160 денари)… Секако, имаме и готвени јадења: телешки мускул под сач (880 денари), димен бут со кисела зелка (2.800 денари), свинско под сач (900 денари), сарма (400 денари)… Специјалитетот грне „Македонско село“ чини 750 денари – посочуваат нашите соговрници.

Додатоците (селски лепиња, печена пиперка, пекарски компир, чварки со праз, кајмак) се од 40 до 250 денари, а десертите меѓу 180 и 350 денари.
– Вложивме многу во етноселото за повторно да го отвориме. Вложивме, но не само финансиски. Работевме со многу љубов и посветеност. И не е залудно. Веќе го гледаме резултатот. Сè поголем е бројот на туристите, повторно се враќа сјајот на објектот. На 56. меѓународен саем на туризмот во Нови Сад минатата година комплексот освои повеќе престижни признанија и „Златен пехар“ потврдувајќи се како водечка автентична туристичка дестинација и амбасадор на македонската традиција на меѓународната сцена – децидни се одговорните.
„Свети Пантелејмон“
Гостите тука имаат ретка можност да ја спојат автентичната македонска архитектонска традиција со духовниот мир зашто веднаш под комплексот се наоѓа манастирската црква „Свети Пантелејмон“. Овој значаен македонски средновековен споменик мора да се види, дури и ако сте го посетиле повеќепати.
– Етноселото и „Свети Пантелејмон“ се две страни на иста паричка – едната ја раскажува приказната преку трпезата и архитектурата, а другата преку длабоката духовна и културна традиција коренот на овој крај. И овој контраст навистина не треба да се пропушти – ни рекоа некои од посетителите на етноселото со кои поразговаравме.

„Свети Пантелејмон“ е изграден 1164 година на темели од многу постара црква, во времето на византискиот владетел Мануел I Комнин. Ктитор (финансиер) бил војводата Алексеј Ангелов Комнин, висок византиски аристократ и внук на царот. Црквата е изградена како манастирска во рамките на поголем комплексен имот, а е посветена на светиот великомаченик и исцелител Пантелејмон, светител од 4 век.
Се смета дека најголемата вредност на „Свети Пантелејмон“ се нејзините фрески од 12 век. Особено се издвојува композицијата „Оплакување Христово“, која прикажува како Богородица со неизмерна мајчинска тага и болка се наведнува над мртвиот Исус. Ова ремек-дело се проучува во сите историско-уметнички академии во светот. Карактеристика на црквата е и мермерниот иконостас.
Манастирот во својата историја бележи континуиран монашки живот, кој пред 10 години е обновен. Денес, „Свети Пантелејмон“ функционира како машки манастир. Дворот е мирна оаза опкружена со зеленило, цвеќиња и прекрасен поглед кон Скопската Котлина, во кој, освен црквата, има и мала манстирска продавничка.
Мирјана ЧАКАРОВА за МИА
Фото: Слободан Ѓуриќ




