Не е исклучена можноста за нови рестрикции, но засега нема да има, изјави министерот за здравство Венко Филипче откако во изминатиот период се бележи благ пораст на бројот на новозаразени и честа појава на случаи со мутираниот, британски сој на вирусот.
– Нема таква индиција поради тоа што порастот не е таков како што беше на почетокот на ноември. Има благ пораст што не е ризик за болничките капацитети, но, секако, е причина граѓаните да бидат апсолутно многу внимателни, рече вчера Филипче.
Бројките во здравственот билтен се повторно повисоки од претходното деноноќие – вчера беа регистрирани 721 новозаразен (од 3816 тестирања), 167 повеќе од статистиката за завчера. Меѓу новозаразените е и опозицискиот лидер Христијан Мицкоски кој тоа го објави на својот фејсбук-профил.
И натаму со најмногу нови инфицирани, покрај Скопје, се Прилеп, Кавадарци и Охрид кои, исто така, по главниот град, имаат и најмногу активни случаи на КОВИД-19. Филипче апелираше граѓаните да не се опуштаат и да ги почитуваат мерките – носење заштитна маска и дистанца, посочувајќи ги овие три општини со зголемен број дијагностицирани, но и хоспитализирани пациенти, со британската варијанта на вирусот која, рече, многу полесно се пренесува.
Министерот при посета на болницата во Гостивар, каде што беше пуштен во употреба модуларниот КОВИД-центар, изјави дека во следните неколку дена ќе може точно да каже кога ќе пристигнат антиковид-вакцините од Кина и Русија.
– Не би сакал сега да шпекулирам, сакам да бидам прецизен тогаш кога точно ќе знаеме кога ќе пристигнат. Се пролонгираше малку периодот. Очекувам навистина сите овие разговори да завршат за што пократко време. Секојдневно има нови прашања од компаниите, тоа важи за сите компании. Од „Фајзер“ го очекуваме драфт-договорот. Со руската компанија интензивно разговараме овие денови откако го потпишавме договорот, а секако и со кинеската, рече Филипче.
Во видеопорака по повод една година од појавата на првиот случај со коронавирус и почеток на епидемијата во земјава, министерот истакна дека набавката на вакцините е најголем предизвик за сите земји во светот и дека околу 130 земји сè уште го немаат почнато процесот на имунизација. Нагласи дека Владата прави максимални напори да се обезбедат вакцини и убеден е дека многу бргу ќе започне масовната вакцинација.
Во видепораката за една година со КОВИД-19, тој истакна дека здравствениот ситем покажал знаење и искуство да се носи со најголемиот здравствен предизвик во поновата историја. Им се заблагодари на здравствените работници за кои истакна дека ја заслужуваат сета почит и благодарност бидејќи, како што рече – беа на првата линија на борбата со вирусот и покажаа истрајност, професионалност и патриотизам на највисоко ниво.
Во вчерашната статистика беа евидентирани и 171 оздравен пациент, но и уште седум починати, на возраст од 43 до 81 година. Во болниците во државава се хоспитализирани 669 пациенти позитивни и сомнителни на коронавирусот, од кои 242 се во главниот град, а 427 во ковид-центрите и инфективните оддели во другите градови. Министерството за здравство соопшти дека има 380 празни болнички кревети. Бројот на активни случаи во земјава е 8290, од кои 3681 се во Скопје.