Потпишувањето на договорот меѓу Грција и Египет за обележување на нивните ексклузивни зони, за кои Анкара вели дека опфаќа регион на турскиот континентален гребен, ја налути Турција.
Како одговор на тоа, Турција издаде Навтекс што се смета за предупредувачка нота во поморската пракса.
Во Навтекс (навигациско соопштение за морска безбедност) објавен на веб-страницата на Турската морнарица се предупредува дека „турските воени бродови ќе изведуваат вежби со пукање во медитеранските води на Турција крај брегот на Анталија на 10-11 август годинава“.
Според Анкара, договорот потпишан вчера меѓу Атина и Каиро за заедничка економска зона на Медитеранот е провокативен и има за цел да ја отстрани Турција од источниот медитерански регион.
Турција реагираше веднаш испраќајќи ги своите воени бродови крај медитеранскиот брег на Анталија за „вежби со гаѓање цели“.
Претходно, турското Министерство за надворешни работи издаде соопштение во кое се вели дека смета дека потпишаниот договор меѓу Грција и Египет за демаркација на нивните економски зони е невалиден. Како и дека се однесува на област од турскиот континентален гребен.
Експертите најавуваат нова ескалација на тензиите во источниот Медитеран заради истражување на наоѓалишта на природен гас за што имаат претензии не само Турција, Грција, држави во регионот, но и ЕУ.