Натчовечки напори вложија струмичките пожарникари и нивните колеги синоќа за локализирање на пожарот во трговскиот центар „Глобал“ во центарот на Струмица. Огнот којшто зафати голем дел од внатрешноста на објектот им оневозможуваше на пожарникарите да влезат и одвнатре да реагираат, бидејќи според првичните информации, огнот тргнал некаде од задниот влез што се користи за дотур на стока. Затоа, беа принудени да кршат стакла на првиот кат на објектот и оттаму да влегуваат, но и на неколку локации од надворешниот дел, особено откај катната гаража, којшто не беше во пламен, се вели во прилогот на ТВ ВИС.
Сепак, внатре имале нов проблем. Ниту еден хидрант од повеќето поставени во обејктот не бил во функција, односно немал вода. Иста е ситуацијата и со хидрантите во градот. Тие пак, се нефункционални. Вентилите на хидрантите во градот не се компатибилни со опремата и стандардите на приклучоците коишто ги користат струмичките пожарникари, па според тоа, и тие се бескорисни. Ваквите услови ги принудиваат пожарникарите да се враќаат до пожарната и да полнат вода, што ги забавува и трошат драгоцено време, истакнува струмичката телевизија.