Вело МАРКОВСКИ

-Среќна нова 49 …или беше ковид 19…или Среќна 2021…или 21 век беше
Македонија е среќна земја, и многу богата…со бесценето богатство, само час поскоро Вело да се осуди за да може ова бесценето богатство да се подели меѓу народот… Да, да овој пат ќе се дели подеднакво на сите, не е оваа власт како онаа на Груевски па да си го подели бесценетото богатство меѓу себе.

Впрочем, „Нема правда нема мир“ беше нивна парола со која се сруши режимот, а самиот Груевски после изборите изјави „Ме срушија интелектуалците од ВМРО, кои не излегоа на гласање“. Да, интелектуалците не сакаат режими и опозицијата исто така, ама кога ќе се седне на власт некако убаво ти доаѓаат придобивките од претходниот систем, зошто да ги менуваме веднаш (си го поставуваат прашањето) и на таа освоена територија си доградуваат нови, нивни, оригинални правила, што ги прави режим полош од режимот.

А зошто е среќна Македонија, па на само неколку часа пред новата 2021 година се ослободи од најголемиот криминалец, сите ТВ куќи, национални и локални, сите портали, сите електронски медиуми во еден глас го објавија големиот успех на Јавното обвинителство, како рекапитулар на напорите против сиот криминал во пандемиската 2020 година, свечено објавија дека Пабло Ескобар и целото негово богатство од 60 милијарди долари, не е ништо наспроти бесценетото богатство на Вело. Сега, можеби ќе беше посоодветно ЈО да одржи прес коференција на 6 часа пред новогодишната ноќ, ама сепак се решија дека тоа би можело да биде сфатено како многу сурово. Подобро сите медиуми со филмови, монтажи нека објават. Сега, мене лично ако ме прашате, ваков голем успех требеше да го соопшти премиерот или претседателот на државата.

Бидејќи сум осуден без и да бидам прашан дали и што сум направил, осуден, бидејќи има ли судија што ќе се охрабри да пресуди поинаку кога со здружени сили пресудa донесоа ЈО, владеачката партија и целокупната јавност, претставена од медиумите… би сакал конечно да објаснам што ми се случуваше/случува во изминативе 2 години, па македонската, но и меѓународната јавност (83 милиони прегледи на моја ТВ емисија секако се индикатор дека и нив ги интересира), нека пресуди дали е Вело криминалец, среброљубец, педофил, некрофил, забеган или е срна за отстрел, не класичен отстрел, туку онака во еден убаво осмислен процес од страна на тие што се грижат за доброто на сите нас, Вело да биде тргнат, да го снема, да заборавиме дека постоел, да го дискредитираме, оцрниме, а потоа затвориме.

Ми накалемија 4 дела за кои генерално првин ме притворија, а потоа бараа докази. Страшното дело, поседување на експлозив, распрскувачки материјали и оружје, во превод значи кај Вело дома во семејната куќа од три спрата, на третиот спрат, заклучен, го најдовме пиштолот на татко му со дозвола постара од 50 години. Ако имаше објективност ЈО ќе признаеше дека пиштолот е повеќе со трофејна вредност, не е испукано од него повеќе од 10 години.

Вело живее на први спрат (иако куќата е на негово име), таткото е починат, а пиштолот не е најден ниту на спратот кај што живее Вело, ниту кај него или во автомобил…

Второто и третото дело поседување и криење на културни и посебно нагласени природни богатства со непроценлива вредност, во превод значи дека од кај Вело товаривме едно комбе со камења за кои вештакот не сакал ни да ги вештачи и веднаш им рекол дека се кварц и корунди кои се минерални суровини. Проверил само неколку камчиња/ кристали воглавно обработени и се минерали и кристали кои ги нема во Македонија (кои јас сум ги купувал за накит по саеми). Покрај тоа вештаците ангажирани од ЈО идентификувале бројни реплики (купувани по Египет, Турција, автопазар во Скопје, но и како предмети од носии и други елементи на етнолошко културно наследство, предмети какви ги има во најголемиот број на семејставата кои ги негуваат традиционалните вредности. Исто така еден од вештаците проценил дека римски бронзани парички се најдени во мојот дом, со вредност од околу 300-500 евра вкупно, и дека истите ги има во секоја нумизматичка куќа во Европа со поединечна цена од 3-4 евра. Значи и покрај одредената вредност (што е вероватно задача на ЈО да процени колку чини) се излегува со формулација… бесценето богатство.

И четвртото, најзлонамерното обвинение, злосторничко здружување, онака како додаток. Тоа што немам никаков контакт (сум бил под ПИ мерки и ги знаеле сите мои контакти, разговори…) со никого од тие што ЈО тврди дека се група, што прв пат ги видов луѓето во судница и што освен двајца сите други се на возраст од 70-80 години, не е важно, додај му го па нека докажува Вело. Па нели првин докази се собираа па после се одредуваше притвор. Ете тој е мојот криминал, и најголемиот успех на ЈО за последниве две години.

Мене ми останаа многу прашалници во главава.
Прво, зошто мораше да бидам држен во притвор, дури бев вратен во притвор после хируршка интервенција со дренови во абдоменот. Зошто не ме пуштаа на преглед (два пати закажан) кај ОРЛ специјалист поради синдром на Мениер (кој страда од оваа болест знае какви маки се) кога располагале со сите докази, се плашеа ли дека ќе бегам од државава? Уште по нејасно ми е како предметот, целокупниот предмет се најде уште пред 3 месеци кај портпаролот на владеачката СДС, па тој на прес коференција го образлагаше. Дали во ЈО нема доволно обвинители па предметот треба да го презентира во јавност владеачката партија? Дали владеачката партија нема доверба во ЈО па си ја презеде работата во свои раце. Нели по дефиниција во ЈО работат врвни правници кои го знаат уставот и законите? Зошто го прекршија уставот со изнесување на предметот во јавност, смее ли било кој предметот на ЈО да биде предмет на анализи од политички партии за време на предистражен процес. Треба ли некој да биде осуден пред да почне судењето? Ги прашувам ценетите обвинители, ЗОШТО не му веруваат на судот? Се плашат ли дека судиите не се доволно упатени или не дај Боже да падне предметот кај судија професионалец па се да им пропадне во вода. Односно, ЗОШТО ЕДНОСТАВНО НЕ ПОДНЕСОА ОБВИНИТЕЛЕН АКТ пред судот? Зошто првин ме осудија, па побараа поддршка од јавноста за оправданоста на нивната пресуда. Сакаат ли со ваква постапка да му ги врзат рацете на судот. Зошто јас и моите адвокати требаше да разбереме од медиумите дека е подигнат обвинителен акт против мене.

А дали сум среброљубец, можат да посведочат многу болни пријатели и непознати дали за помош и консултација (жал ми е што технички не можев да одговорам на сите) на некого сум побарал пари (сите знаат дека во паникава се плаќа и колку се има и колку се нема) или било каква услуга. Дали сум застанал, сум форсирал некој лек за време на оваа пандемија. Дали инспекциите кои цела година испитуваа по завршување на мандатот директор на Инфективна клиника најдоа еден денар проневера, во период кога на завршна сметка клиниката имаше 500.000 марки, па следната година 500.000 евра добивка. Дали ги наплатив трибините (Зоом платформата сам ја платив) кои ги одржав за докторите во Македонија (околу 300 доктори), трибини кои не беа регистрирани од истите медиуми кои сочно честитаа Нова година со мои слики и монтирани филмови. Дали за бројните тв емисии некогаш сум побарал пари или автомобил да ме земе.

Во ред, Вело ќе го нема, само Вело не сфати и не сфаќа што згрешил. Зошто е лошо ако помагаш да се спасат човечки животи. И Вело не сфаќа зошто е лошо да ги пренесува своите знаења на студентите. За крај една строфа од поемата Срничка која ја напишав во притвор
… Што згрешив сега се запраша внатре
Можеби затоа што не сакав родот наш да се затре
Учев ли многу, елен ли сакав да бидам
На мама и избегав еднаш, далеку од дома се да видам.