Големите пожари во Австралија не се смируваат, а пожарникарите објавија дека голем пожар што е многу тешко да се локализира, е регистриран на 60 км северно од Сиднеј.
Пожарот зафатил 300.000 хектари земјиште што е оддалечено само еден час од најнаселениот град во Австралија.
Властите издадоа препорака до граѓаните да ја напуштат загрозената област.
Огромниот пожар што беснее во близина на Сиднеј моментно не може да се изгасне, соопштија пожарникарските служби од Австралија, кои се борат со пожари низ целата земја, јави Би-Би-Си.
Пожарот, што зафати околу 300.000 хектари, е само на околу еден час возење од најнаселениот град во Австралија. Неговиот чад предизвика здравствени проблеми кај жителите на Сиднеј.
Би-Би-Си јави дека Сиднеј би можел да биде обвиен со чад со недели, ако не и месеци.
На жителите кои не можат да го одбранат својот имот од пожарот, им е наложено да ги напуштат своите домови веднаш.
Во пожарите загинаа повеќе од шест лица од октомври и уништени се повеќе од 700 домови низ Австралија.
Пожари има низ државите Квинсленд, Викторија, Јужна Австралија, Западна Австралија и Тасманија. Во моментов има повеќе од 95 пожари, а на терен се околу 2,2 илјади пожарникари.
Заменик-шефот на пожарната служба на Нов Јужен Велс, каде е Сиднеј, рече дека „овие пожари не можат да бидат запрени и ќе продолжат да горат се додека не се променат условите“.
Огнениот фронт е долг 60 километри, додаде Роб Роџерс.
Австралиските пожарникари добиваат помош од колеги од Канада и САД, а загриженоста се зголемува поради тоа што во вторник температурите околу Сиднеј би можеле да се искачат над 40 Целзиусови степени.