Интензивниот почеток на сезоната на шумски пожари во Канада веќе принуди повеќе од 30.000 луѓе да ги напуштат своите домови и го погоди производството на енергија.
Канадскиот премиер Џастин Трудо ја посети Алберта каде се испратени голем број пожарникари и војници за да им помогнат на регионалните тимови кои се борат со пожарите од четвртокот.
Екстремно сувото време и променливите ветрови во западна Канада го зголемија ризикот од ширење на шумски пожари во Алберта, провинција богата со нафта, која веќе евакуираше илјадници луѓе. Во Алберта моментално има 90 активни пожари, од кои 23 се вон контрола, соопштија локалните власти.
Повеќе од 30.000 луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови поради пожарите кои зафатија голема површина, а беше прекинато производството на најмалку 319.000 барели нафта дневно или 3,7 отсто од националното производство. Во првите 11 дена од мај беа забележани најтопли температури во неколку делови на Алберта, вклучувајќи го и Едмонтон, соопшти владиниот оддел за животна средина и климатски промени.