Во изминатото деноноќие на територија на цела држава имало 37 пожари на отворен простор, од кои 29 се изгаснати, три се ставени под контрола, а пет се се уште активни. Активни пожари има во општина Студеничани, над селото Црвена Вода, кај месноста викана Крста, во општина Штип, кај месноста викана Јамуларци, во близина на Пенуш и воениот полигон Криволак, во општина Дебар кај селата Татар Елевци и кај Могорче. Во општина Чашка активен е пожарот кон село Степанци и месноста викана Кадиица, на граница меѓу Општина Чашка и Општина Долнени, каде гори мешана шума.
Како што информира денеска Центарот за управување со кризи (ЦУК), од дождот е изгаснат пожарот во Општина Чашка, на планината Мукос, во атарот на село Оморани.
Под контрола е пожарот на планината Галичица, место викано Зли Дол, на територија на Општина Охрид, каде тлеат трупци од претходниот пожар. Пожарот на ресенска страна е изгаснат од дождот. Под контрола е пожарот и во Општина Желино, кај село Мерово и во Општина Ново, каде гори депонијата.
Изгаснати се четири пожари во општина Прилеп, два во општина Јегуновце, во општините Кичево, Теарце, Ново Село, Велес. Изгаснати се по два пожари и во општините Гостивар, Центар Жупа, во Бутел, Сарај, Чучер Сандево, Петровец …
Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов нагласи дека состојбата со пожарите на отворен простор повторно се влошува. Апелира граѓаните да бидат исклучително внимателни за да не предизвикаат пожар.
-Доколку забележат сомнително поведение, молам веднаш да пријават на 112 или на некој другар, пријател или познаник кој информацијата ќе ја пренесе во МВР, изјави Ангелов.